Четириесет и шестгодишен делчевец доби 30-дневен притвор откако вчера од министерството за внатрешни работи излегоа со информации дека мајка пријавила дека осомничениот ја допирал нивната ќерка по телото додека тие не биле дома.
Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице поради постоење на основи на сомневање за сторено кривично дело “Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години” од чл. 188 ст. 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот на возраст од 46 години, на ден 16.03.2018 г. околу 20,00 часот дошол во посета на своите соседи, во време кога родителите не биле присутни во домот. Искористувајќи го претходното познанство и соседски однос со семејството, како и момент кога девојчето останало само со него во просторијата, осомничениот со намера да ги задоволи своите полови страсти, извршил полово дејствие над оштетеното девојче заканувајќи ѝ се да не кажува за настанот.
Надлежниот обвинител до Судијата на претходна постапка при Основен суд Кочани поднесе предлог за определување на мерка притвор против осомничениот, имајќи ја предвид тежината на стореното кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку 12 години. Воедно надлежниот јавен обвинител оцени дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство на осомниченото лице, како и особени околности што укажуваат дека осомничениот со влијание врз сведоците и вештаците ќе ја попречува кривичната постапка. Судијата го прифати предлогот и донесе Решение за определување на мерката притвор во траење од 30 дена.