Според податоците на „Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации“ (ФАО), во нашата земја, 30 проценти од храната завршува како отпад. И тоа нависитна е голема штета. Затоа што со намалување на количеството отпад од храна и дистрибуција на вишокот храна на луѓето на кои навистина тоа им е потребна, Северна Македонија дополнително може да го намали проблемот со сиромаштијата, но и да ги поттикне веќе воспоставените позитивни промени во општеството.
Ова денеска го порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на „Донаторската конференција на 50-те најголеми компании за храна“, организирана од „Сите сити“, при што информира дека Владата е вклучена во овозможување законски основи и поддршка на изградбата на систем што ќе го зголеми пристапот на граѓаните до квалитетна храна. Во наредниот период, рече тој, очекуваме да се донесе Законот за донирање на вишокот храна.
-Почитувајќи ги овие приоритети и воведувајќи европски стандарди за социјална заштита, оваа Влада, се посвети на донесување мерки за директно намалување на сиромаштијата. И затоа, безрезервно ја подржуваме програмата за поддршка на ранливите категории, преку донирање храна од страна на бизнис операторите, истакна Заев.
Премиерот упати јавна покана, во функционирањето на системот да се вклучат и други субјекти, со цел да се зголеми неговиот капацитет и да се опслужат што повеќе граѓани на кои им е потребна храна.
-Помошта не се однесува само на обезбедување храна за дел од нашите сограѓани, кои не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, туку и за правилна употреба на илјадниците тони безбедна храна која завршува на отпад и депонии, рече Заев.
Минитерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека во Македонија имаме 12 тони отпад храна и дека со тоа ќе се нахранат 26 илјади наши сограѓани.
– Тоа ни кажува дека сите оние кои се во системот на социјална заштита и примаат одреден додаток ќе можеме да им го надополниме дневното мени и да добијат соодветен оброк, истакна Царовска.
„Сите сити„ е мрежа од 31 граѓанска организација која функционира во 10 градови во земјава. Како што информира престедателот на организацијата Блаже Јосифовски , главната дистрибуција на храна се врши во Скопје, но и дека се организираат тримесечни акции во девет градови за храната да се дистрибуира и таму. Појасни дека организацијата помага на 7.000 граѓани кои некои на дневна, неделна или месечна услуга добиваат од храната. За жал, рече тој, 460.000 граѓани во Северна Македонија ги немаат сите оброци, а имаме 10.000 тона безбедна храна која се фрла.