Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако во судница одговори на прашањата на обвинителката Фатиме Фетаи за случајот “Монструм”, одговараше и на прашањата на адвокатката Дафинка Иванова, која ги застапува оштетените семејства, но и родителите на убиените момчиња.
Бидејќи Заев претходно сведочеше дека за овој случај имало разговори и од претставници на извршната и локалната власт, адвокатката Ивановска побара да посочи имиња.
-Тоа што се сеќавам тоа ќе го кажам. Кога велам на локална власт мислам на градоначаникот на Гостивар, Невзат Бејта, кој зборува со еден од осомничените, за да помогне за субвенции за земјоделието, поточно за сточарството. Тука мислам и на разговор на Коце Трајановски кој зборува со Миле Јанакиевски за ненавременото осветлување на обиколницата во Скопје.
Од извршната власт мислам на Муса Џафери и Сашо Мијалков, Миле Јанакиески со други личности, исто така на таа тема. Разговор меѓу Мијалков и Гордана Јанкуловска, поврзана со презентацијата на случајот пред раководството на МВР.
Би било чесно да кажам дека голем дел од тие разговори оставаат впечаток дека сите се обидуваат да најдат некој доказ, информација, за да знаат што всушност се случило тој трагичен Велики четврток, рече Заев.
Тој додаде и дека, немал конкретни докази дека некој правел притисоци за овој случај врз обвинителството или судот.
Адвокатката го праша и дали му е познато дека во домот на пратеничката Фросина Ременска биле најдени снимки за случајот “Монструм.
-Не, не ми е познато, рече Заев.
На дополнителното прашање дали имал давано материјали на Ременски, тој одговори дека не и предал никакви комуникации на пратеничката.
Заев одговараше и на прашањата на родителите на убиените деца.
-Ни пративте порака дека ќе ни ги дадете сите броеви кои судот ги крие. И дека бомбата ќе ја објавите за неколку дена. Што всушност крие судот, кои се сопственици на тие броеви, праша таткото на убиениот Александар Наќевски.
Заев рече:
-Не сум ги објавил поради стравот дека би можел да предизвикам конфузија или било каква штета, и втората причина, можната одговорност да објавам разговори од посебни истражни мерки. Соговорникот не е осомничено лице. До ден денес верувам дека вие можете да направите увид и да ги видите телефонските броеви кои комуницираат со осомничените, но верувам дека не можат јавно да се објават, рече Заев.
Наќевски продолжи со прапањата, па рече: “На состанокот во СДСМ, ни кажавте дека шест телефонски броеви се државна тајна”.
-Државна тајна најверојатно е соговорникот кој разговара со осомничениот. Верувам дека тие телефони можат да ви бидат покажани, рече Заев.
А на прашањето дали наишол на разговор на обвинетите со некој политичар од СДСМ, Заев рече дека немало таков разговор. Немало ниту комуникации на политичари од ВМРО-ДПМНЕ со обвинетите. За политичари од ДИУ, пак лидерот на СДСМ рече:
-Да, имаше еден разговор, кој веќе го споменав. Меѓу Невзат Бејта и Фејзи Азири за исплата на субвенции на стока, колку што се сеќавам, рече Заев.
Наќевски го праша и дали Невзет Бејта на Фејзи Азири му дал негови лични пари, Заев рече дека не се сеќава на таков податок.
Тогаш Наќевски рече дека тие самите прочитале дека лични 400 евра Бејта му дал на Азири за исплата на овчарите.
Заев одговори и на прашањето дека не му било познато дали Мухамед Зекири им бил пријател на некој од обвинетите.
Наќевски, му рече на Заев дека спомнувавал и вмешаност на некои тајни служби, па побара да посочи конкретни иниња?
-Не можам да спомнам имиња, бидејќи немам таква информација за лица кои работат во тајните служби, а биле вмешани во случајот. За Монструм не сум спомнал, она што можеби сум го рекол е дека имаа службно лице во МВР кое разговара со пратеникит Васил Пишев за да пренесе некои информации до Сашо Мијалков, за случајот. Денес знам зошто постои ова комуникација, затоа што тоа лице тогаш било под истрага, рече Заев.
Наќевски тогаш постави друго прашање:
-На мајките сте им кажале дека кај Смиљковското Езеро имало паднат телефон на Синиша Алексовски. Дали поседувате за ова докази?
Заев одговори:
-Не се сеќавам точно на разговорите. Ако сум кажал таква работа, сум кажал дека допираат секакви информации и докази, и затоа е важно да се отвори процесот и да се дадат сите одговори, рече Заев.
Наќевски го праша и дали пред мајките го споменал и името на Трајко Вељановски и што рекал за него?
-Без скриени намери секогаш искрено сум давал одговори, и пред вас и пред јавноста. Не се сеќавам на прашањето на Трајко Вељановски за негова инволвиранист. Не поседувам, ниту сум видел било какви докази за негова инволвираност, освен неточни писанија кои сум ги видел во медиумите од такви квази новинари, рече Заев.
Наќевски го потсети Заев дека има транскрипт дека Бујар Османи дека бил дома кај загрозениот сведок Хаки Азири.
Заев рече дека тој не видел таков транскрипт и дека сега прв пат слуша за такво нешто.
В.В.