Постојат реални шанси на мајскиот Самит на ЕУ во Загреб да ѝ биде доделен датум за преговори на Македонија, но тоа ќе се случи само доколку сегашниот состав на македонското Собрание го изгласа Законот за јавно обвинителство најдоцна во февруари. Ова вчера го порача еврокомесарот Оливер Вархеји.
-Приоритет треба да му се даде на новиот Закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека тоа ќе може да биде направено од страна на ова Собрание, односно пред неговото распуштање во пресрет на изборите. Тоа ќе биде добар знак упатен до нашите земји-членки, истакна Вархеји.
И покрај оваа насока, засега нема изгледи за носење на законот, бидејќи ниту власта, ниту опозицијата не сакаат да ги поместат црвените линии. Пред нова година „Фокус“ објави дека покрај законското решение кое е во Собрание, изготвена е и нова верзија, која била испратена кај коалициските партнери на консултации. Но, и по еден месец нема доближување.
-Нема поддршка од 80 пратеници. Во Собранието е текстот од јули месец, не е повлечен. Ако има сигнал од опозицијата за поместување на ставови, лесно ќе се донесе, вели министерката Рената Дескоска за „Фокус“.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека законот можел уште утре да се донесе, но доколку власта го прифатела нивното законско решение.
-Од крајот на октомври има прекин на комуницкацијата за ова прашање. Последните случувања покажуваат поголема загриженост на СДСМ за заевите бизниси со марихуана, отколку за напредување на државата, вели Стоилковски.
Законот кој го изготви ВМРО-ДПМНЕ беше презентиран во јули минатата година, а едно од барањата беше обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства, а нивните предмети да ги преземат други обвинители. Од Владата пак не го прифатија овој предлог, обвинувајќи дека законот содржи скриена амнестија за осомничените екс функционер од МВРО-ДПМНЕ.
Валентина Вурмо