Верче не умре, таа ќе живее вечно, нејзиното срце продолжува да чука, ќе бидат спасени многу луѓе благодарение на големината на нејзиното семејство – со растреперен глас за ,,Фокус” раскажува Ѕвонко Пекевски, градоначалник на Општина Берово, од каде потекнува 20-годишната девојка чие срце од рано утринава чука во градите на 27-годишно момче.
Тој вели дека целата општина е горда на родителите на Верче кои во најголема болка, се одлучиле да ги донираат нејзините органи. Раскажува дека емоциите се помешани, огромна болка, а истовремено и гордост за чинот, со кој донирањето на органи во земјава станува реална шанса за спас на нови животи.
-За многу скромна фамилија се работи, по потекло од село Русиново. Верче со сестра и и мајка и живееше во Струмица, каде што се случи и фаталната сообраќајна несреќа, додека пак брат и и татко и се овде. Во фамилијата имаа убав настан, првороденото бебе во општината во 2021 година беше на нејзиниот брат. Добија момче, тоа беше нивната прва рожба, тогаш имав можност да ги запознаам луѓето, и општината им даде финансиска поддршка. Се видовме за убаво тогаш, ова што сега се случи е голема трагедија која сите не ефектираше – раскажува градоначалникот.
Додава дека нема доволно зборови за да ја опише благодарноста и гордоста која ја чувствува поради гестот на родителите на Верче.
-Огромна, огромна благодарност кон овие хумани луѓе, кои во моменти на болка која не се опишува се решија да помислат на друг млад живот, да спасат нечие дете! На 23-ти август, за време на општинскиот празник, ќе им биде доделена плакета за заслужни граѓани, тоа е најмалку што можеме да сториме, но ова дело треба да остане запаметено во историјата на нашата општина и пошироко. На располагање сме му на семејството, за било каква помош, поддршка, за се што им треба во секое време. Загубата не може никој да им ја надомести, но нивната големина остава без зборови, тука сме за нив! – раскажа Пекевски.
Ова е втора трансплантација на срце од донор во земјава. Првата беше извршена минатата година, кога срцето на Емилија Динева од Дојран, започна да чука во градите на Иван Огненовски од Скопје, кој подолг период чекал донор. Семејствата на Емилија и на Иван, денес се добри пријатели и за себе велат дека се една фамилија по историскиот настан.
Вики Клинчарова