Цевките во тоалетите на барокниот суд биле затнати со бетон, новата зграда речиси нефункционална

by fokus

Затнати цевки на тоалетите, неисправни ПП-апарати и аларм кој се вклучува без причина, се само дел од проблемите кои се појавија во новоотворената барокна зграда на Кривичниот суд, која пред само два месеци официјално беше пуштена во употреба. Па, поради низата проблеми, наместо судиите да се преселат во новите канцеларии и судници, тие сѐ уште судат во старите, а во новата зграда засега се употребуваат само две судници.

Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, на денешниот брифинг со новинарите истакна дека од Министерството за правда чекаат решавање на проблемот, бидејќи зградата беше под нивна надлежност.

-Се утврди дека цевките во тоалетот се полнети со бетон, поради што почна да се рушат дел од зидовите околу цевките. ПП-апаратите не функционираат, а сѐ уште не можеме да ја пронајдеме компанијата задолжена за нивниот сервис, истакна претседатлот Џолев.

Инаку, додека јавноста ги следи судењата во новата зграда, цело време ги иритира еден звук, кој доаѓа од намалениот аларм, кој без причина се вклучува, па само се намалува звукот, бидејќи и да се исклучи, повторно во секој момент може да изненади.

Исто така, проблем се и недоволниот број на штекери, или нивната лоша поставеност, поради што обвинителите од СЈО, за да го вклучат лаптопот, од дома си носат продолжен кабел.

Неодамна беше објавена и фотографија од која се гледа дека на еден од катовите е направен и балкон, но за да се излезе на него нема врата, па доколку некој сака тоа да го стори, ќе мора да скокне од прозорецот.

Новиот барокен објект, за кој беа потрошени 11 милиони евра, пред да биде пуштен во употреба цели пет години зјаеше празен.

Темелите на новата зграда беа удрени во 2010 година, а тогашниот премиер Никола Груевски вети дека зградата ќе биде завршена за 18 месеци. Тој дури посочи дека ефикасноста во работењетот, меѓу другото, била поврзана и со просторните и работните услови на судиите и судската администрација. А, за да работата тргне со среќа, камен темелникот беше осветен и од Архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан.

Судот е проектиран на 10 нивоа, две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Предвидени се 74 судски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни од кои една за 200 лица за случаите на организиран криминал и една за 100 лица. Обезбеден е простор за архиви, шалтер сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, репрезентативна судница и канцеларии, судски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци, и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила. Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 метри квадратни.

Главен изведувач на објектот беше градежната компанија „Гранит“ од Скопје.

В.В.

Поврзани новости