Судијката Башевска до Аљими: Прво сте обвинет, а потоа пратеник!

by fokus

По завршување на денешното судско рочиште за случајот „Титаник 3“, каде што им се суди на пратеникот Ејуп Аљими од ДУИ и Исмет Гури, судијката Љубинка Башевска и обвинетиот Аљими имаа мала „расправа“ за тоа дали Аљими е пратеник или обвинет.

Дебата почна откако на обвинетиот пратеник не му одговараа два понудени термини за оддржување на наредни рочишта. На 14 септември пратеникот истакна дека е зафатен, односно како што истакна во првата половина на септември имал ангажмани околку реформските закони, па самиот забележа дека и дека тој како обвинет работи на реформите во судството. На Аљими не му одговараше ниту рочиштето да се оддржи на 28 септември, бидејќи тоа бил последниот петок од месецот, а тогаш во Собранието на дневен ред имале пратенички прашања. На оваа му реплицираше судијката Башевска.

-Прво сте обвинет, па потоа пратеник, рече Башевска.

Но и Аљими не и остана должен, па рече: Не, прво сум пратеник па потоа обвинет.

Во дебатата се вклучи и претседателот на советот, судијката Оља Ристова, која истакна дека мора да се почитува начелото на пресумпција на невиност, односно дека пратеникот не е осуден, туку обвинет.

Наредното рочиште е закажано за 20 септември, кога ќе продолжи сведочењето на сведоците предложени од СЈО. Аљими и Гури, се обвинети затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир „уништувале изборен материјал“.

В.В.

Поврзани новости