Есад Рахиќ, директорот на истражниот затвор „Скопје“, во интервју за Радио Слободна Европа, открива дека за околу 200 евра притворениците нелегално набавуваат мобилен телефон во ќелиите.
-Многу е тешко да се контролира нешто што е ендемско. Има, како и секаде, една одредена мала група корумпирани луѓе коишто работат тука и коишто на разни начини се снаоѓаат и успеваат да „бутнат“ по некој телефон. Ние вршиме редовни контроли, одземаме дел од тие телефонски апарати и тие кај коишто се наоѓаат се санкционираат. Во моментов се води постапка против еден затворски чувар. Има дадено изјава од притворено лице, каде што тој земал пари, а не испорачал телефон и не ги вратил парите и ние ги информиравме надлежните органи за тоа лице за да биде санкционирано. Тоа е обид на оваа управа, за нешто што лично сметам дека е аномалија, ќе се обидеме да ја исправиме, вели Рахиќ.
Тој ја открива и цената на телефоните.
-Зависи. Зависи од корисникот на телефонот, колку му треба, кој е корисникот и каков телефон, 200 евра, па и повеќе, или помалку, вели директорот кој додава дека минатата недела заплениле десетина телефони.