Бубевски го потсети Беџети дека барал да се одложи рочиштето за “Монструм”, зошто било закажано на пет дена пред изборите, Беџети се правдаше дека фали целосната слика

by fokus

На денешното рочиште за случајот “Монструм” сведочеше поранешниот министер за правда Блерим Беџети, кој е актуелен градоначалник на општина Сарај.

На прашањето на судијата Огнен Ставрев, кој го известил за петкратното убиство што се случи кај Смиљковското Езеро во 2012 година, Беџети рече:

-Точно не се сеќавам кој ме известил. Веројатно бев известен од моите сопартијци. Тогаш бев во Турција, не бев во Македонија, рече Беџети.

Судијата Ставрев му посочи дека во судница се слушале негови разговори со други политичари, а во врска со убиството, на што Беџети рече:

-Ако ги земете во предвид моите изјави во времето кога се случи овој трагичен настан, кога бев министер, уште тогаш велев дека судството е ставено на тест и предизвик и тогаш сум апелирал да ги разгледа фактите. Се направи поделба по овој сензитивен настан, а судот придонесе да се зголеми недовербата кон судството, државата, кон сите. И нормално, нашите разговори биле во таа насока и нормално е дека тогаш имавме политичка одговорност, а не кривична одговорност, рече Беџети.

Тој дополни дека не се сеќава точно на содржината на разговорите.

-Сигурно дека сум имал разговори и контакти. Точно не можам да се сетам што конкретно сум зборувал пред неколку години. Ги следевме протестите, сум направил средба со семејствата на обвинетите кои од мене само побараа правдата да функционира во судот. Ме убедуваа дека нивните блиски се невини. Се сретнавме во трговскиот центар “Мавровка”, рече Беџети, кој додаде дека тие не барале ништо, само коректен однос на судските органи.

Тој посочи дека не се сретнал со семејствата на убиените бидејќи тие не побарале средба.

Обвинителот Гаврил Бубевски го праша сведокот дали за овој случај имало постапка за екстрадиција, Беџети рече дека колку што се сеќава, имало постапка.

-Јас сум ги презел сите дејствија кои ми биле надлежност и сум ги проследил документите кои ни биле доставени.

Тогаш обвинителот го потсети дека со тогашната министерка Гордана Јанкулоска разговарале за екстрадицијата, во кој таа инсистирала на побрзо пишување на документацијата за екстрадиција. Па затоа го праша дали може да се сети дали имало застој и ако имало на што се должело тоа, зошто таков впечаток се добива од разговорите.

-Убедувањата треба да бидат двострани, а не еднострани, бидејќи процесот беше многу сензитивен, имаше притисок од медиумите, за мене непотребен. Јас не подлегнувам под притисоци и знам дека сум постапил според законските рокови, рече Беџети.

Дали во разговорот се спомнаа калкулации со предметот, го праша Бубевски сведокот Беџети.

-Не се сеќавам точно на разговорот, сакам да бидам до крај коректен. Точно е дека немавме исти политички согледувања со тогашната министерка, рече Беџети.

Тогаш Бубевски му го прочита разговорот кој го водел со Јанкулоска на 14 март 2013 година, или една година по петкратното убиство.

Од разговорот се слушна дека Јанкулоска го замолува да ја убрза постапката за екстрадиција и да не калкулира, а Беџети и вели дека утре ќе бидат пратени документите во Приштина.

-Се сеќавам на разговорот, и ви кажав дека имавме различно убедување за самиот процес и за случувањата во државата, рече сведокот.

Прашан дали освен писмениот контак, имал и друг вид на комуникација со косовските власти, Беџети одговори дека не се сеќава.

Тогаш обвинителот Бубевски го потесети дека од “бомбите” се слушнало дека барал одложување на првото рочиште за “Монструм”, бидејќи било закажано пет дена пред изборите, на што сведокот рече:

-Ако се впуштите само на еден разговор, ќе добиеме различни впечатоци. Ако го имате целиот контекст, ќе добиете друга слика. Ние и ден денес бараме расчистување  на случајот. Не е само заради изборите. Но имаше еден медиумски притисок за кој сметав дека не е коректно, рече Беџети.

Обвинителот го потсети дека со Муса Џафери разговарале за Хаки Азири, сега обвинет, а тогаш спреман за заштитен сведок.

-Да, немавме информација каде е, и тоа е една човечка реакција. Се создаде загриженост за Азири, а за кој немаше информација ниту негововото семејство, ниту јавноста, каде се наоѓа.

Потоа Бубевски му кажа дека со Џафери зборувале дека Хаки Азири го обработувале, дека ќе бил прикриен сведок, на што Беџети рече дека не се сеќава, но ако ги земел другите случаи, како “Сопот”, каде имало насилството врз еден сведок, па разговорот го водел во таа насока.

В.В.

 

Поврзани новости