Полицијата се уште трага по убиецот, нарачателот но и останатите вмешани во ликвидацијата на 28-годишниот Мартин Јанушев, кој викендот беше застрелан во скопската населба Аеродром.
Од МВР засега не излегуваат со официјални информации, освен дека работат на расчистување на случајот, но како што дознава „Фокус“ тие имаат детали за крвавиот настан. Добро им е познат идентитето на извршителот, лицето кое било во придружба, но и на нарачателот на убиството, кој веќе подолг период не е во државата. Шпекулациите се дека сите тројца се засолнети во Србија.
Иако од МВР не го откриваат идентитетот на осомничените, сепак во јавноста гласно се говорат нивните имиња. Извршителот издржувал казна затвор во истражниот затвор Скопје, а на денот на убиството бил на викенд.
Од Управата за извршување на санкции, потврдија дека за лицето за кое прашуваме имал погодност викенд. Сепак од таму ни посочија дека немаат детали на колкава затворска кзана е осуден, и колку од казната одлежал. Овие податоци ги имаат во затворот „Скопје“, но во моментот таму нема кој да одговори, бидејќи затворската установа е без директор.
Медиумите шпекулираат дека затвореникот одлежувал шестгодишна казна затвор, за наркотици, но математиката не се поклупува бидејќи во истражниот затвор Скопје, освен притвор, се издржуваат казни затвор пониски од три години. Ова значи дека осомничениот има помала затворска казна, или пак поради безбедносни причини ја издржувал казната токму во овој затвор.