Велешанецот Боре Видевски, кој е еден од обвинетите за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, во тешка здравствена состојба е префрлен на државната клиника.
Неговиот адвокат Бојан Манев за ,,Фокус” вели дека Видевски се наоѓа во тешка здравствена состојба и подолго време се жалел на болки. Тој вчера бил однесен во ГОБ ,,8 Сепември”, но поради сериозноста на состојбата бил пренесен на државната клиника.
-Видевски од пред десет години има трансплантиран бубрег. Сега и тој откажал или е пред откажување, поради што состојбата му е крајно сериозна, вели адвокатот за ,,Фокус”.
Следното судско рочиште, за двојното убиство кое минатата година ја вознемири јавноста, е закажано за 7 октомври.
Боре Видески, заедно со Велибор Манев, Влатко Кешишов, Љупчо Палевски-Палчо и Александар Ѓорчевски, е обвинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Судскиот процес против нив почна пред точно десет дена, односно на 20 септември и на првото рочиште сите петмина се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар.
Валентина Вурмо