Кичеец двапати бил викан за исказ, еднаш молчел, вториот пат зборувал?

by fokus

Зоран Милевски -Кичеец, еден од осомничените во истрагата за „Рекет“, веќе два дена е во куќен притвор, откако обвинителката Вилма Русковска достави позитивно мислење до Кривичниот суд, односно даде зелено светло да биде пуштен од истражниот затвор „Скопје“.

Кичеец уште пред еден месец беше повикан во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција да даде исказ, но тогаш иако се задржа три часа, според информациите на „Фокус“, се бранел со молчење.

Сепак Кичеец, неодамна, уште еднаш бил повикан во Обвинителството.

-Точно е дека мојот клиент два пати беше повикан во Обвинителството. Вториот пат беше повикан минатиот понеделник. Мое е да го советувам и да ја договараме одбраната, а на крајот тој си одлучува како и што ќе зборува, вели адвокатот Александар Новаковски за „Фокус“.

Тој вели дека добиле решение за завршена истрага и додава дека неговиот клиент е осомничен.

Адвокатот на осомничениот Бојан Јовсновски, Сашко Дуковски, пак вчера се пожали дека на неговиот клиент не му било дадено да изврши увид во овој записник.

-Не ни беше дозволен увид со образложение дека тоа можеме да го побараме од неговите бранители. Неразбирливо затоа што истрагата е веќе готова. Колку што знам тој се брани со молчење, но ме чуди зошто не можам да го видам тој исказ. Едно е сослушување на сведок, кое обвинителството е должно да ми го даде, а друго сосема различно е статусот на граѓанин од кого се собираат информации, тоа не ми е дадено. Не дека ќе ми помогне или одмогне но не ми е јасно зошто не можам да го видам записникот на соосомничениот – рече Дуковски.

Осомничените Јовановски и Милевски се гонат бидејќи наводно земале 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, кој за возврат „добил“ домашен притвор и времен пасош, а наводно требало и да се спаси од кривичен прогон за случајот на СЈО, „Империја“. Сето тоа, пак според обвинителството, се одвивало со амин на обвинителката Јанева.

Валентина Вурмо

Поврзани новости