Ќе падне ли предметот за „Организаторите на 27 април“, обвинителството бара амнестијата да важи и за Јанакиески, Вељаноски и Ристовски?

by fokus

Обраната во случајот „ Организаторите на 27 април“ денеска проглaси победа за случајот, кој е во судска постапка пред Кривичниот суд, бидејќи Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вчера доставило мислење до судот дека со Законот за амнестија треба да бидат опфатени обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Трајко Вељаноски. Сега на судот останува да се произнесе за тоа дали за овие обвинети важи Законот за амнестија.

-Обвинителството достави мислење до судот дека во конкретниот случај постои правна пречка за поднесување на обвинение за што треба да се донесат решенија за запирање на постапката. Јасно и прецизно посочуваат дека има правна пречка за таа постапка да може да се води поради примена на законот за амнестија примената, вели Еленко Миланов, адвокат на Миле Јанакиески во овој предмет.

Од Кривичниот суд за „Фокус“ појаснуваат дека Обвинителството доставило мислење дека амнестијата треба да важи за обвинетите Миле Јанакиески, Трајко Вељаноски и Спиро Ристовски, но не и за екс директорот на УБК Владимир Атанасовски. Поради новонастанатата ситуација, следното рочиште е закажано за 23 јануари, кога судијата Илија Трпков ќе треба да се произнесе.

Овој предмет веќе еднаш заврши со осудителна пресуда, која падна на Апелација, односно второстепениот суд го врати случајот на повторно судење. Едно од прашањата кое според Апелација требаше да се отвори повторно беше селективната амнестија, со која беа амнестирани дел од обвинетите за првиот предмет за „27 април“.

Поточно, за Кривичниот суд немаше дилема дека амнестијата не важи за обвинетите организатори на крвавиот четврток, но Апелација забележа дека не се посветиле доволно на прашањето.
Но, наместо самите да го решат ова важно прашање, тие жешкиот костен повторно го префрлија во рацете на колегите од Кривичниот суд. Затоа и добија жесток одговор.

„Апелациониот суд можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, особено што причина за укинување на затворските казни е примената или непримената на Законот за амнестија, без притоа да навлага во анализа на доказите и утврдување на фактичката состојба.
Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи“, потенцираа од Кривичниот суд.

Тогаш од првостепениот суд ги потсетија колегите од Апелација дека имаат законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе придонесат во неселективна борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда.
На повтореното судење, одбраната повторно побара да се примени Законот за амнестија и судењето да запре, но судечкиот судија повторно го одби ова барање како неосновано, со образложение дека законот не се однесува на овие обвинети.

По жалбата во Апелација, овој суд повторно ја прифати жалбата на обвинетите, го укина решението на судијата и му наложи повторно да одлучува.

„Апелациониот суд донесе процесно решение, откако процени дека првостепениот суд не посветил доволно внимание, односно не водел постапка за кривично-правен акт на која ќе ги изведе доказите против обвинетите, туку ценел дали тие подлежат на Законот за амнестија или не“, велат од Апелација.

Сега, со повторување на судењето, судечкиот судија требаше и по третпат да се изјасни по ова прашање. Очигледно е дека со писанието од Обвинителсто од судијата се бара да се произнесе за прашањето за амнестијата, за да се види дали судењето може да продолжи или ќе запре тука.

Дел од оваа група обвинети е и експремиерот Никола Груевски, но постапката за него беше запрена сѐ до негово враќање во државата.

Со претходната пресуда од Кривичен, за делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, на шест и пол години казна затвор беше осуден поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, доби шест години затвор.

Валентина Вурмо

Поврзани новости