Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска наскоро ќе треба да оди во затвор, бидејќи Врховниот суд ја потврди одлуката на Апелација за случајот “Тенк”, со која беше осудена на 4 години затвор.
-Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 17 септември 2020 година, одлучи по предметите заведени под КВПКОК2КВПбр.6/19 и КВПКОК2КВПбр.7/19, кои се оформени по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска.
Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје, објави денеска Врховниот суд.
Ваквата одлука беше донесена откако Јанкулоска, пред една година, поднесе барање за вонредно преиспитување на пресудата за случајот „Тенк“, односно Врховниот суд одлучи дека таа нема да оди зад решетки се додека не донесат одлука за пресудата.
Вчера “Фокус” праша во Врховниот суд дали е донесена одлука, а денеска не известија дека судот одлучил.
Сепак ова не значи дека екс министерката веднаш ќе влезе зад решетки. Пресудата од Врховен суд треба да биде испратена во Кривичниот суд, каде што ќе биде изготвен упатен акт за издржување на казната.
Јанкулоска со првостепена пресуда беше осудена на 6-годишна казна затвор, а Апелација и ја намали казната на 4 години. Таа се гонеше по обвинение на СЈО, за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 580.000 евра. За истата набавка беше осуден и екс премиерот Никола Груевски, но тој избега во моментот кога требаше да влезе во затвор.
В.В.