Стотина дечиња, облечени во народни носии, вчера го играа најголемото интернационално оро во општина Илинден, на Меѓународениот фолклорен фестивал „Св.Троица“.
Фестивалот започна со дефиле на играорците од Украина, Романија, Молдавија, Бугарија, Турција, Србија, Босна и Херцеговина, како и неколку ансамбли од Скопје, КУД „Гоце Маркоски“, АНПИ „Илинден“ , ФА „Седенка“ и ансамбл „Ѓорче Петров“. Потоа сите заедно, на македонска песна, заиграа оро.
На концертот, кој следуваше, сите играорни друштва се претставија со неколку ора презентирајќи ја традицијата на својата земја.
-Овој фестивал има за цел преку фолклорот да се направи едно зближување помеѓу народите, запознавање на нови пријателства, дружење, едукација на младите за Македонскиот фолклор, култура и традиција, запознавање со нови култури и традиции, презентација на Македонија и сите убавини, размена на знаења и искуства, отворање на портите кон нови патувања на нашите играорци, рече градоначалникот на Илинден, Александар Георгиевски, најавувајќи го концертот.
Фестивалот е во организација на КУД „Гоце Маркоски” и годинава се оддржа по 10-ти пат. Музиката и ората во следноте два дена продолжуваат во Долно Лисиче.
Валентина Вурмо