Како министри и директори сме должни во целост да го реализираме предвиденото во Програмата на Владата со цел да им излеземе во пресрет на барањата на граѓаните и да ги исполниме нивните очекувања. Како министер за економија ќе направам максимални напори да се рализира мерката за субвенционираните вработувања во приватниот сектор по етничка основа, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
-Не верувма дека во Владата има несогласување за субвенционираните вработувања во приватниот сектор по етничка основа. Тоа како мерка е предвидено во владината програма која беше усвоена од страна на Собранието. Ние како вршители на функции сме должни мерките предвидени во Програмата на Владата да ги реализираме за време на мандатот за кој не изгласале пратениците, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција.
Тој најави дека ќе побара од Владата во предлог-буџетот за наредната година да бидат предвидени средства за спроведување на мерката.
-Мерката не е само за еден етникум, туку се однесува за сите приватни компании кои се управувани или се во сопственост на некој од една етничка заедница, а вработуваат лица од другите етнички заедници да бидат субвенционирани од страна на Владата. Не значи дека важи само за Албанци, Турци или Македонци. Значи дека секоја приватна компанија која е основана и раководена од Албанец ако вработува Македонец ќе биде поддржана од Владата и обратно. Тоа ќе биде направено на инклузивен начин за што повеќе да се зближат граѓаните, појасни Бектеши.