Поради учителка со симптоми на Ковид-19 денеска не беа згрижени 110 деца во градинка во Свети Николе

by fokus

Децата од објектот Клон 1 во рамките на детската градинка „Рахилка Гонева“ во Свети Николе денеска не беа примени, бидејќи вработена е со симптоми на Ковид-19. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА вели дека се информирани родителите на децата. Инаку во овој објект денеска требаше да бидат згрижени 110 деца.

– Во овој објект поради појава на симптоми на КОВИД-19 на една од вработените во градинката која ги извршуваше подготвителните работи за прием на дечињата, а во согласност со Протоколот и Алгоритамот од Министерството за труд и социјална политика за постапување, бевме принудени денеска да не ги отвориме вратите за прием на дечињата во Клон 1. Додека не добиеме официјални резултати од тестирањето на вработената и епидемиолошка слика за нејзините контакти, овој објект нема да го пуштиме во функција, вели Велковски.

Тој истакна дека од денеска во рамките на градинката ги отвориле вратите за дечињата од Клон 2, каде што биле пријавени вкупно 41, а утринава се донесени 26 деца, додека во село Лозово од пријавените 15, само девет се донесени од страна на родителите.

– Здравјето и заштитата на нашите најмили и на вработените ни е во прв план, особено во вакви чувствителни моменти, вели Велковски.

Поврзани новости