Бизнисменот Орце Камчев, новинарката Оливера Трајковска и поранешниот портпарол на МВР, Иво Котески, за денеска се повикани да сведочат на рочиште за случајот „Тортура“, односно за нечовечкото апсење на Љубе Бошкоски.
Овие сведоци се повикани бидејќи беа објавени „бомби“, во кој разговараат за апсењето на Бошкоски. Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Котески, е повикан за сведок по предлог на СЈО, бидејќи во доказната постапка беше објавен негов телефонски разговор со тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Од разговорот се слушна како Јанкулоска му кажува на Котевски да не ги пуштаат снимките на кои се гледа насилното приведување на Бошкоски, бидејќи тој претходно ја информираше дека постоела снимка каде обвинетиот Ивица Антевски-Пуки му ставил пиштол во уста на Љубе.
Овие сведоци требаше да сведочат и на претходното рочиште, но судењето се одложи бидејќи не се појави еден од обвинетите, кој имал здравствен проблем. Тогаш во судница не се појавија ниту сведоците. Беше заклучено дека Трајковска и Котески не примиле покана, а Камчев бил уредно повикан, по што судијката истакна дека доколку не го оправда отсуството ќе биде стражарно спроведен.
Во случајот „Тортура“ еден од обвинетите е и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, и тоа за апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година.
В.В.