Панчевски, според обвинението, на судијките Михајловска и Петровска на рака им ги дал предметите „Насилството во Центар“ и „Тврдина 2“

by fokus

Основното јавно обвинителство -Скопје денеска поднесе обвинителен предлог против судијата Владимир Панчевски, кој е обвинет дека додека бил претседател на Кривичниот суд, наместо електронски делел предмети на рака.

„Фокус“ од доброупатени извори дознава дека Панчевски, според обвинителството, на рака поделил две обвиненија поднесени од СЈО, и тоа предметите „Насилството во Центар“ и „Тврдина 2“. Поточно, наместо преку системот АКМИС, обвинението за „Насилството во Центар“ и го дал на судијката Татјана Михајловска, а обвинението за „Тврдина 2“ на судијката Лидија Петровска.

Петровска до крај го истера судењето за „Тврдина 2“, односо донесе и пресуда. Па така, казна затвор, од една година и шест месеци, доби само првообвинетиот Горан Грујевски, додека другите обвинети добија условни казни. Предметот „Тврдина 2“ се однесува на уништување на служебна документација поврзана со незаконското прислушување.

Михајловска пак не стигна да донесе пресуда за „Насилството во Центар“. Таа со распоредот на новиот претседател на судот Иван Џолев, беше префрлена во Одделението за прекршоци, а предметот го наследи судијата Душан Јосифов.

Во овој предмет обвинети се 14 лица, меѓу кои и Никола Груевски, Миле Јанакиески и Даниела Рангелова, и тоа за насилството што се случи пред општината во 2013 година.

Името на судијата Лидија Петровска се спомена во сетот бомби објавен од опозицијата. СДСМ тогаш обвини дека највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ договара избор на судии, а улога во носењето одлуки бил и накитот Сваровски.

Судијата Татјана Михајловска беше истражен судија во предметот „Ликвидација“, каде на 4,5 години затвор беше осуден новинарот Томислав Кежаровски.

Од Обвинителството денеска информираа дека за Панчевски е поднесен обвинителен предлог за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик. За ова дело на судијата му се заканува казна затвор од шест месеци до пет години.

Според обвинителството, Панчевски наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од Основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости