Макрон по првиот изборен круг: Следува одлучувачка битка!

by fokus

Првите резултати од претседателските избори во Франција покажуваат дека во вториот круг од изборите ќе одат актуелниот претседател, центристот Емануел Макрон и кандидатот на екстремната десница Марин Ле Пен.

Макрон освоил меѓу 28,6 и 29,7 насто од гласовите, а Марин Ле Пен меѓу 23,5 и 24,7 проценти.

Трет е кандидатот на радикалната левица Жан-Лук Мелешон со околу 20 насто од гласовите.

Во првиот круг за претседател на Франција имаше 12 кандидати.

Макрон им се заблагодари на гласачите што го поддржаа да влезе во вториот круг од претседателските избори во Франција и ги повика да го блокираат доаѓањето на власт на екстремната десница, посочувајќи дека „сѐ уште ништо не е решено“ на француските избори.

-Дебатата што ќе ја имаме во следните две недели е одлучувачка за нашата земја и за Европа. Дали сакаме независна Франција затоа што е силна економски, еколошки, земјоделски и културолошки? Дали сакаме Франција каде што, преку екологијата, ќе се намалат сметките за парно и електричниот автомобил за сите? Дали сакаме Франција која продолжува да и верува на науката, разумот, компетентноста, како што тоа го правевме во последните години – порача Макрон.

Неговиот противкандидат Ле Пен, пак, ги повика „сите кои не гласале за Емануел Макрон“ да и се придружат.

-На гласачите им изразувам најискрена благодарност. Гледам надеж дека силите за закрепнување на земјата се зголемуваат. Сите оние кои денеска не гласаа за Емануел Макрон се повикани да се придружат на нашиот собир, изјави Ле Пен.

Поврзани новости