100.000 евра за дневници за патување: Колку ќе потроши Агенцијата за супервизија на осигурувањето во 2025?

by Fokus

Собранието на 21 јануари треба да го изгласа финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2025 година според кој само за трошоци за патување ќе се потрошат 100.000 евра.

Агенцијата која има 38 вработени, планира буџет од 2,2 милиони евра за 2025 година од кој најголем дел од расходите ќе одат за плати на вработените.

Финансискиот план на АСО кој треба по редовна постапка да го изгласа Собранието, предвидува расходи од 136.785.882 денари или нешто над 2,2 милиони евра што е за 10 милиони денари повеќе од буџетот за 2024 година.

За плати и надоместоци на плати ќе се потрошат 73 милиони денари или 1,2 милиони евра.

За дневници за службени патувања и патни трошоци се планира да се потрошат 6 милиони денари исто колку во 2024 година, за превоз и транспорт 400.000 денари, за репрезентација, реклама и пропаганда 30.000 евра, за наем на возила и опрема 45.000 евра.

За надоместоци на трошоци на вработени (закупнина на стан како и комунални услуги) 62 илјади евра.

За поштенски услуги се наменети 300.000 денари, за гориво 900.000 денари, за копирање, печатење и издавање исто толку. Материјалните расходи, услугите и амортизацијата ќе изнесуваат 500.000 евра.

За други расходи ќе се потрошат 23 милиони денари или нешто над 350.000 евра и под оваа ставка спаѓаат провизии, премии за осигурување, лекарски прегледи за вработени, членарини и интелектуални услуги за кои ќе се издвојат 8,24 милиони денари што е сепак помалку од лани кога се издвоил 9,34 милиони.

Месечниот надомест на надворешните членови на Совет на експерти ќе чини 1,5 милиони денари, а за надомест за комсии ќе се потрошат 1,6 милиони денари.

Агенцијата планира приходи од 136 милиони денари од кои најголемиот дел ќе дојдат од сопствени приходи како што се приходи од годишен надоместок за спроведување на супервизија, од приходи од издавање на дозволи и лиценти и приходи од издавање на согласности.

Орце Костов

Поврзани новости