Не една, туку вкупно 10 постапки се водат во грчкиот суд против Центарот за македонски јазик во Грција, дознава „Фокус“. Станува збор за барања или поплаки поднесени до судот од трети страни, во кои се бара регистрацијата на граѓанското здружение да биде укината.
Освен овие барања поднесени од трети страни, и обвинителот на Лерин покрена постапка за укинување на регистрацијата во која се повикува на Преспанскиот договор и на толкувањето дека македонскиот јазик постои само во границите на Република Северна Македонија.
Од Центарот за македонски јазик за „Фокус“ брифираат дека третите страни кои ги поднесуваат овие барања би требало да имаат законски интерес во постапката, но иако тоа го немаат, постапките се одобрени.
Постапката од обвинителот беше една од 10 до сега. Тоа беше второ судење по ред. Против Центарот досега се покренати вкупно 10 барања (поплаки) од трети лица. Во овој случај тие немаат никаков законски интерес, бидејќи Центарот е одобрен од самата држава, но сепак постапката е дозволена. Повеќе здруженија, политички партии, обвинителот бараат укинување на Центарот за македонски јазик, велат од Центарот за „Фокус“.
Досега се реализирани три судење по поплаки од една политичка партија, втората од обвинителот на Лерин и третата од едно здружение. За никоја од постапките досега нема одлука и процедурите продолжуваат.
Од Центарот велат дека не знаат што би можеле да очекуваат како разврска и одлука на Судот, но се сигурни дека барањата за укинување на регистрацијата немаат логика.
Центарот за македонски јазик во Грција официјално беше регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција во ноември минатата година. Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година, додека одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.
Последните административни работи поврзани со регистрацијата беа завршени во ноември, при што судот официјално го одобри и статутот на организацијата. Судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик – при тоа користејќи го и македонското кирилично писмо.
Катерина Смилева Божиновска