Исправени пред предизвик, каков што долго време не бил забележан во светската историја сакаме, одбележувајќи го 1-ви Мај – денот на трудот, да укажеме дека кризата со корона вирусот недвосмислено покажа дека човештвото може да опстои само со заедничко функционирање на сите држави и општества. Како никогаш досега заедништвото, солидарноста и помагањето, станаа најзначајни принципи за креирање, како на националните, така и на меѓународните општествени и економски односи.
Здравствената криза од светски размери, покажа дека луѓето се еднакво ранливи, без оглед на богатството и општествениот статус, а на виделина излегоа и несовршеностите и недостатоците на сите држави. Борбата за сузбивање на корона вирусот покажа дека силата на народите е во единството, а солидарноста е најважната алка која ќе овозможи опстанок на цивилизацијата како целина.
На национално ниво сведоци сме за улогата и ефектите од заедничките акции на сите социјални партнери во државата и за значењето на социјалниот дијалог како начин на креирање на мерки и активности за излез од кризата со што помалку човечки жртви.
Сојузот на синдикатите на Македонија, како најброен и најстар синдикат во државата, веднаш по појавата на заразата се стави на располагање на своето членство и сите граѓани и активно учествуваше со свои предлози за утврдување на приоритетите и преземање на конкретни, оперативни мерки со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и одржливост на економските и општествените текови.
Првично се заложивме за заштита на најраниливите категории на население, хронично болните, возрасните, децата, лицата со посебни потреби, но истовремено ги поддржавме и активностите и мерките на државата за одржување на бизнисите.
Сѐ што Сојузот на синдикатите на Македонија презема во овој период, учествувајќи во работата на Економско- социјалниот совет, беше исклучиво и единствено во насока на задржување на работните места како прв приоритет.
ССМ беше дециден дека нема да дозволи товарот на здравствената криза да се префрли само врз грбот на работниците и нивните семејства.
Нашите ставови ги градиме врз основа на фунадменталните човекови права за еднаквост на сите граѓани, сите имаат еднакво право на живот, здравје, слобода и егзистенција.
ССМ целиот свој капацитет во овој период, од почетокот на кризата, го насочи кон обезбедување на заштита на работните места на работниците, како и заштита на правата од работен однос, уредени со законите и колективните договори.
Одговоривме на секое поединечно барање, бевме на терен на повик на членството и активно учествувавме во работата на Економско- социјалниот совет. Со овие активности ќе продолжиме и во наредниот период, со уште позасилено темпо. Свесни сме за нашата улога и не бегаме од одговорност.
Нашиот став е јасно презентиран, непоколеблив и без можност за отстапка, апелираме и укажуваме дека кризата и вонредната состојба не можат да бидат причина за суспендирање на социјалниот дијалог, колективното договарање или кратење на човековите и работничките права.
Будно ги следиме уредбите и одлуките на Владата, регираме и ќе реагираме на сите ограничување на работничките права, кои не се поврзани со здравствената криза. Работничките права се наш таргет, а последиците од кризата треба и мора да ги поднесат сите чинители во општеството, и претставниците на капиталот и претставниците на трудот, како две страни на една целина. При тоа, за работниците и нивните семејства, мора да се обезбедат неопходните средства за егзистенција и заштита на нивното здравје. Како никогаш досега, до израз дојде значењето на колективното здравје, без кое не може да опстојат нациите и светот.
Во овие денови повеќе од кога и да било, сме свесни дека само здрави работници можат да ги обавуваат деловните потфати и да бидат носители на профитот во компаниите. Само здрави граѓани се креатори на општествено– економското живеење и функционирање на државите. Важен е животот и здравјето на секој поединец без исклучок. Во услови на пандемија, ранливоста на сите и на работниците и на работодавачите, ја покажаа потребата од социјалната сигурност и стабилност на сите во општеството. Сведоци сме дека во услови на пандемија, јавното здравство е тоа што го носи товарот и одговорноста за здравјето и опстанокот на нацијата.
Во распределбата на капиталот и националното богатство на државата, приоритет треба, и мора да имаат социјалните фондови, преку кои се обезбедува општествен стандард, здравствена заштита и социјална сигурност на цивилизирано општествено ниво за сите граѓани. Впрочем, сето ова беше заложба на ССМ и досега, но здравствената криза ги појави на површината сите овие вредности на кои многумина од нас заборавиле или неоправдано ги ставале на маргините на општественото делување.
Економски стабилна држава без корупција и без сиромаштија, со обезбедена инклузија за сите е, и ќе биде наш приоритет. Здравствената криза сѐ уште трае, а светските и националните експерти укажуваат на тоа дека кризата ќе биде присутна меѓу нас и во наредниот период. Сите луѓе, мора да се подготвени за предизвиците кои ни претстојат, а доколку човештвото сака да опстои, ќе мора да ги промени своите навики, практики и приоритети. Заштита на човековата околина, унапредување на образованието и науката, развој и целосна достапност на здравствената заштита за сите луѓе на меѓународно ниво, ќе биде таргет на сите општества. Онлајн услугите и технологиите ќе бидат присутни во сите сегменти на живеењето на сите држави, вклучително и нашата. Државата ќе мора да обезбеди чекор со развојот на овие технологии, кои се иднина и перспектива на човештвото.
Но, сега и во овој момент, се додека трае здравствената криза, нашата грижа и активности се насочени кон заштита на работничките права и обезбедување на еднаквост во поднесување на неминовните последици, економски и општествени за сите граѓани без дискриминација и поделби по било кој основ.
Укажуваме дека ќе бидеме конструктивни, но и исклучително храбри и децидни во нашите барања, без можност за отстапки, затоа што здравствената криза покажа и докажа дека нашите барања за здрави и безбедни услови за работа, одржливи работни места, еднаквост, сигурна егзистенција, социјална сигурност, се барања кои се карактеристични и еднакво важни за сите луѓе во светот, без исклучок, и од нивната реализација и обезбедување зависи опстанокот на човештвото.
Сите Вие кои се препознавате во нашите барања и заложби придружете ни се, заедно сме посилни, а нашата бројност ќе биде аргумент повеќе да надвладее разумот за реалните потреби за живот и развој на науката и технологијата за доброто на сите, наместо бескрупулозната трка за профит по било која цена која му наштетува на човештвото и неговиот развој.
Нека ни е честит 1ви Мај, Меѓународниот ден на трудот!
https://www.youtube.com/watch?v=9H0s83-Ewa4