Скандалозна, апсурдна и крајно опасна за демократскиот развој на земјата е одлуката на Уставниот суд да ја одбие инцијативата на новинарите и да утврди повреда на Уставот во случајот „24 декември“ кога новинарите беа избркани од собраниската галерија, извјави денеска Насер Селмани, претседателот на ЗНМ.
– Скандалозно е што Уставниот суд не утврди очигледна повреда на членот 16. од Уставот, кој забранува цензура и гарантира слобода на изразување и слобода на пристап до информациите. Апсурдно е што уставните судиите велат дека новинарите биле спречени да известуваат заради својата безбедност, а новинарите не беа дел од инцидентот. И не беа загрозени, ниту пак бараавме заштита од некого. Каква е таа проценка дека новинарите се позагрозени од членовите на Владата и од пратениците на власта кои останаа на пленарната седница каде се случуваше инцидентот. За нас е крајно нејасно зошто Уставниот суд не свика јавна расправа во која требаше да бидат повикани сите засегнати страни. Да имаше јавна расправа судиите ќе беа запознати со случувањата и немаше да запишат дека некој фрлал со тврди предмети кон новинарите. Најодговорно тврдиме дека никој не фрлаше со тврди предмети кон новианрите – додаде Селмани.
Тој смета дека Уставниот суд испратил крајно опасна порака дека членот 16. од Уставот е „мртво слово“ на хартија и најави дека новинарите ќе ја барааат правадата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.