Здравството е мртвороденче на Никола Тодоров

Текстот е објавен на први јули 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1082

Со овој текст објавен во неделникот „Фокус“, новинарката Ирена Мулачка го отвори серијалот на истражувачки стории поврзани со високата смртност на новороденчињата на скопската Клиника за гинекологија.

Македонското здравство го тресе мегаскандал откако лекари вработени на Клиниката за гинекологија споделија со јавноста дека 80-тина новореденчиња починале за шест месеци во болницата. „Фокус“ располага со документи, имиња и презимиња на пациентки што се породиле на клиниката, а ги изгубиле бебињата, како и со имињата на гинеколозите што ги извеле породувањата или оперативните зафати со царски рез. Одлучивме да го скриеме идентитетот на лекарите. Како најчести причини за зголемената смртност на новороденчињата се наведуваат болничките инфекции, кои мајките и бебињата ги добиваат додека се во болницата. Од Гинекологија, пак, тврдат дека бројките се извадени од контекст. Директорката Хаџи-Лега заминала на одмор, а на клиниката се вршела внатрешна истрага за тоа кој ги изнел документите од пациентките. Дел од болничките истории се ставени под клуч за лекарите да немаат пристап до нив. Министерот Тодоров, пак, наместо да понесе одговорност, мудро молчи, а од Министерството за здравство ни испратија одговори на нашите прашања со вокабулар на партискиот штаб на ДПМНЕ

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

На 31 мај 2011 година, само пет дена пред предвремените парламентарни избори, експремиерот Никола Груевски ја пресече црвената лента на новата зграда на скопската Клиника за гинекологија, која се градеше цели десет години и во која со отворањето се преселија старите скандали. Само во рок од неколку месеци, трипати беше најавено пуштање во употреба на зградата. Првиот пат одеше и реклама на провладините медиуми, но зградата не беше отворена, потоа дури и медиумите беа поканети, а гостите дојдоа со подароци и цвеќиња и пак се одложи свеченото сечење лента, за на крајот да се пушти во употреба само неколку дена пред изборите.

Владината свита направи промоција на објект, кој сѐ уште немаше документи дека е исправен за употреба, зградата беше полупразна, без доволно медицинска опрема, лифтовите не функционираа, но затоа, пак, пред влезот на клиниката фотосесија направија тогашниот премиер, ексминистерот за здравство Бујар Османи, директори на клиниките и лекари.

Оттогаш наваму, здравствените власти постојано се фалат со новата медицинска опрема, која е донесена во болницата од владиниот тендер, кој чинеше вртоглави 100 милиони евра, но ниту тоа не ги намали скандалите што ја тресат Гинекологија.

По пет години од пуштањето во употреба, постојано се зголемува бројот на починати новороденчиња на клиниката, но проблемот е во тоа што тие алармантни бројки се прикриваат од страна на надлежните институции и никој не презема одговорност за изгубените животи, за настанатата компликација при породувањето, за причините за смртта, за болката на семејствата…

Од друга страна, во целиот цивилизиран свет, ваквите проблеми се решаваат брзо и експресно, министрите за здравство понесуваат морална и политичка одговорност (оставка), а пациентите решаваат дали ќе покренат судска постапка за лекарска грешка и дали ќе бараат отштета.

За разлика од ова, во Македонија надлежните институции со години ги кријат официјалните податоци. Единствените бројки што можат да се најдат се оние во државниот Завод за статистика, според кои, за првите три месеци од 2016 година починале 61 новороденче, што се податоци поради кои треба да се вклучи црвениот аларм за тревога. Но, освен овие официјални податоци, од скопската Клиника за гинекологија никогаш не излегле со информации – колку бебиња починале на годишно ниво, зошто се зголемува смртноста на бебињата и кои се најчестите причини за тоа? Бројките се чуваат како државна тајна или „строго доверливи информации“.

БЕБИЊА УМИРААТ КАКО ВО АФРИКА

Последните неофицијални податоци говорат дека за последните шест месеци на скопската Клиника за гинекологија починале 80-тина новороденчиња, од кои 20 само во текот на последните две недели. Ваквите податоци се соопштени на Стручен колегиум на клиниката пред неколку дена на кој секојдневно присуствуваат 70-тина лекари, кои биле запрепастени од страшните бројки. Тие на дневна основа поднесуваат извештај (рапортна тетратка), за која први реферираат гинеколозите – што се сѐ случувало за време на дежурството претходната ноќ, потоа педијатрите од интензивна нега кои објаснуваат колку деца се ставени на респиратор, дали на некое му се влошила здравствената состојба, дали има починати и колку се испишани. Исто така, на Стручен колегиум двапати неделно се чита и програмата за оперирање.

Веќе една година атмосферата на скопската Клиника за гинекологија врие, а проблемите на површина испливаа последниот месец кога дел од вработените таму решија да споделат со јавноста што се случува на клиниката, колку новороденчиња починале и кои се главните причини за тоа.

„Фокус“ располага со документи, имиња и презимиња на пациентки што се породиле на клиниката, а потоа ги изгубиле бебињата, како и со имињата на гинеколозите што ги извеле породувањата или оперативните зафати со царски рез. Клиниката за Гинекологија е регионален центар во кој доаѓаат сите критични случаи за породување, како од болниците од внатрешноста, така и од приватните болници. Нашата редакција одлучи да го скрие идентитетот на лекарите што ги извршиле породувањата или оперативните зафати.

Според документите со кои располагаме, последниот случај на починато бебе бил во петокот, на 24 јуни, кога мртвиот плод на мајката по 14 часот бил изваден со царски рез. Бебето било женско, тешко 3.830 грама и долго 52 сантиметри. Според бројот на историјата на пациентката 7659, се работи за 35-годишната М.Ј. од Скопје, која на гинеколошката клиника била хоспитализирана уште од 1 јуни годинава. Во тој период, таа само двапати била пуштена да си оди дома, за време на викендите. Пациентката има и седумгодишно дете.

Нашите извори коментираат дека по оперативниот зафат таа била во шок-соба, а подоцна е префрлена на Одделението за патолошка бременост. Во меѓувреме, пациентката на клиниката била речиси 20 дена затоа што според лекарите имала повеќе плодова вода и чекала да ѝ закажат операција со царски рез. Кога ја ставиле на програма за оперирање, тие откриле дека пациентката носи мртво бебе. Царскиот рез го извршил гинеколог-оператор, на кој му помагале двајца асистенти, а индикациите ги поставува друг лекар.

Сѐ уште не се откриваат точните причини – од што починало новороденчето, дали станува збор за грешка на лекарите и кој ќе сноси одговорност за изгубениот живот. Се чекаат обдукциските наоди од Институтот за патологија.

Две недели порано, уште едно новороденче починало на Гинеколошката клиника. Според документите, станува збор за 25-годишната пациентка И.Б. родена 1991 година. Таа на 10 јуни се породила на клиниката, каде што родила живо машко бебе тешко 2.800 грама, а долго 50 сантиметри. Како што се наведува во историјата, врз пациентката бил извршен царски рез во 21 часот и 55 минути со дијагноза „min.apgar-skor 4/4 nizok“ По само три дена, бебето на 13 јуни починало. На истиот датум починале уште две новороденчиња, што според лекарите е алармантна состојба за која треба да се реагира навреме за да се преземат одредени мерки и да не продолжи истиот тренд на зголемена смртност.

Откако темата излезе во јавноста, се јавија неколку пациентки кои сакаа да објаснат каква голгота поминале низ здравствените лавиринти на Клиниката за гинекологија. Една од нив на социјалните мрежи напиша дека кога таа пред неколку недели во петтиот месец на бременост го изгубила бебето, во истиот период на клиниката починале дури три бебиња.

Инаку, на Гинеколошката клиника во Скопје, годишно има од 5.000 до 5.500 породувања, а за првите шест месеци од 2016 година на оваа клиника имало приближно 2.700 породувања.

СЕ КРИЈАТ БОЛНИЧКИТЕ ИСТОРИИ НА РОДИЛКИТЕ

Колку повеќе се расплетува приказната, толку повеќе на површина излегуваат трагичните судбини на родилките и нивните бебиња. Во документите со кои располага „Фокус“ има податоци за пациентките што го изгубиле бебето, од кој град доаѓаат, кој пол е новороденчето, колку било тешко и долго и која е дијагнозата.

Од нив дознаваме за смртен случај на новороденче во февруари годинава. Станува збор за 39-годишна пациентка од Скопје, која се породила на 14 февруари. Операцијата била извршена со царски рез во периодот од осум до девет часот наутро при крајот на дежурството. Пациентката родила женско бебе, тешко 2.300 грама и долго 45 сантиметри. Чудно во целата приказна е тоа што во документот со кој располагаме, никаде не може да се пронајде бројот на историјата на пациентката, иако е вообичаено сите хоспитализирани пациентки на клиниката да имаат болничка историја со број. Во документот се запишани само нејзините основни податоци – име и презиме, пол на бебето, местото од каде доаѓа и тежина на новороденчето.

Според болнички извори, бебето било родено живо, но не се знае колку време било живо и кои се точните причини за смртта. Нашата редакција го знае името и на гинекологот што го извршил царскиот рез, но одлучивме да не го откриваме неговиот идентитет.

Гинеколозите со кои поразговаравме на оваа тема тврдат дека најчестите причини за зголемената смртност на новороденчињата се интрахоспиталните инфекции кои мајките и бебињата ги добиваат додека се во болницата. Но, нагласуваат дека има одредени грешки и кај лекарите бидејќи некои од нив не си ја извршуваат работата како што треба, односно нестручно ги третираат пациентките. Исто така, како една од причините за ваквите алармантни податоци може да се наведат и предвремените породувања.

– Уште од 2005 година не се води детална евиденција во сите родилишта колку новороденчиња починале, каде има проблеми и како и на кој начин да се решаваат. Не може само на крајот на годината да се видат бројките и тука да заврши сѐ. Мора редовно и континуирано во текот на целата година да се следи состојбата и да се откријат слабостите, кои искрено ги има многу. Бројките не се работа на статистика, туку на Институтот за јавно здравје или на Клиниката за гинекологија. Тие мора да ги решаваат слабостите. Други проблеми се нехигиената на клиниката, инфекциите, сепсата, тоа што сега има измени во персоналот, неискусните и млади сестри, пропустите на службите и недоносените бебиња – тврдат гинеколози кои сакаа да останат анонимни плашејќи се да не сносат последици.

Според процедурата, откако бебињата ќе починат се носат на обдукција на Институтот за патологија, каде што директорка е д-р Гордана Петрушевска. За обдукциските наоди најчесто се чека и по месец-два, а тие треба да го дадат конечниот одговор и да ги покажат вистинските причини што ја предизвикале смртта кај новороденчето.

„Фокус“ досега неколкупати објави случаи на починати бебиња во изминатите неколку години. Така, една пациентка, во 35-та недела од бременоста изгубила едно од близначињата поради кила. Лоша судбина имала и една друга пациентка со близначињата, од кои едното починало поради пукнати бели дробови. Во слична ситуација се нашла и друга мајка – таа го изгубила своето бебе, тешко 3.900 грама поради прекумерна вентилација која предизвикала пукање на белите дробови. Истата година, бебе на 29-годишна пациентка по породувањето се заразило со клепсиела, при што одвај било спасено. Исто така, во октомври лани во Гевгелиската болница почина новороденче и родилка, чија бременост се до породувањето се одвивала нормално, без никакви компликации. Во тој случај, проблемот беше лекарска грешка на двајцата анестезиолози, кои беа суспендирани од работа.

Дека смртноста на бебињата е драматично зголемена во последните пет години, во речиси сите родилишта низ земјава тврдат и од Платформата за родова еднаквост, кои правеле истражување на оваа тема. Според нив, поразителен е податокот дека токму во периодот на имплементација на Стратегијата за безбедно мајчинство (2010 – 2015) и во периодот кога бил намален буџетот за превентивна заштита, смртноста на доенчињата расте. Така, во 2011 година починале осум бебиња на 1.000 живородени, додека три години подоцна, во 2014 година тој број се зголемил на девет починати бебиња на 1.000 живородени. Тие немаат направено истражување за последните две години, но најалармантни се податоците во 2012 година.

– Најдрастичниот раст на смртноста на доенчињата во последните пет

години има во 2012 година, кога за само една година бројот на починати доенчиња се зголемува за 25 починати на 1.000 живородени бебиња – се наведува во нивното истражување.

Како дополнителен проблем на Клиниката за гинекологија се наведува и недостигот од медицински кадар, гинеколози, анестезиолози и педијатри. Нашите болнички извори тврдат дека на Гинекологија има само девет педијатри, а треба да бидат 15, анестезиолози има 10, а треба да бидат минимум 18. Само лани од клиниката си заминале четворица анестезиолози на работа во приватните болници.

Откако во јавноста пукна аферата за зголемената смртност на бебињата на Гинекологија, нашите извори тврдат дека на клиниката се вршела внатрешна истрага кој ги изнел документите од пациентките, а дел од болничките истории се ставени под клуч за лекарите да немаат пристап до нив.

ДИРЕКТОРКАТА НА ГИНЕКОЛОГИЈА МОЛЧИ ЗА СЛУЧАЈОТ СО БЕБИЊАТА

Зголемената смртност кај бебињата предизвика остри реакции во јавноста, а граѓаните и стручната фела беа шокирани од бројките дека за шест месеци од годината починале речиси 80 новороденчиња.

„Фокус“ испрати прашања до директорката на скопската Клиника за гинекологија, д-р Марија Хаџи-Лега, која според нашите информации веќе заминала на одмор. Во пораката што ѝ ја испративме на директорката вечерта на 25 јуни, ја прашавме дали се точни информациите дека на клиниката починале околу 80 бебиња за шест месеци, од кои само 20 во последните две недели и кои се најчестите причини за зголемената смртност на бебињата. До објавувањето на текстот не добивме одговор на нашите прашања.

Но, затоа, пак, од Гинеколошката клиника излегоа на прес-конференција тврдејќи дека објавените бројки се извадени од контекст, ама никако не сакаа да ги кажат точните бројки на починати бебиња од јануари до сега. Од таму тврдеа дека статистички податоци се прават на крајот на годината или на пет години за да се запази трендот.

Тренд се прави врз основа на едногодишна, петгодишна или повеќегодишна анализа и податоци, а не врз база на податоци за седум дена – истакна д-р Драган Тантуровски од ГАК.

Редакцијата на „Фокус“ воопшто не доби покана за прес-конференцијата на Клиниката за гинекологија, иако ние први ја објавивме аферата, но откако некои од новинарите му се обратија на доктор Тантуровски, инсистирајќи дека ако не ги кажува точните бројки создава сомнеж дека нешто се крие, тој се налути и почна да вика:

Јас сум 33 години доктор, не дозволувам ваков однос, мојата професионалност е секогаш на прво место. Не може некој од ваш ранг да ме понижува!

Сепак, нашите извори тврдат дека според правилата на клиниката на секои шест месеци се подготвува извештај за тоа колку бебиња се родиле и колку починале во овој период.

Неколку прашања испративме и до министерот за здравство Никола Тодоров. Еве ги прашањата:

  1. Министре, што планирате да преземете за алармантните бројки на смртност на скопската Клиника за гинекологија?
  2. Дали Министерството за здравство располага со официјални бројки?
  3. Дали ќе си поднесете оставка за ваквите случувања?

Но, до затворањето на овој број не добивме никаков одговор од првиот човек во здравството, кој во последните неколку денови е зафатен со преговорите за решавање на политичката криза како претставник на ВМРО-ДПМНЕ.

Дека 82 бебиња починале на Гинекологија за шест месеци, од кои само 20 во последните две недели, реагираа и од опозицискиот СДСМ. Тие го повикаа министерот да понесе морална одговорност за страшните бројки што ја тресат болницата. Веднаш возвратија од ДПМНЕ, од каде што нагласија дека смртноста на новороденчињата за време на нивното владеење е намалена, а најголема смртност имало во времето на СДСМ.

СОВЕТНИКОТ НА ЕКСПРЕМИЕРОТ РАКОВОДИ СО КОМИТЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНО МАЈЧИНСТВО

Откако во 2010 година, за само неколку недели починаа неколку родилки и новороденчиња во Министерството за здравство се формираше Комитет за безбедно мајчинство, чија цел беше да се подобрат санитарно-хигиенските услови во породилиштата, да се обезбедат нормални услови за породување, да се набави потребната медицинска опрема, да се обезбеди доволно стручен кадар, а од друга страна, да се намали смртноста на доенчињата.

На чело на Комитетот за безбедно мајчинство е Александар Митов, советник за здравство во кабинетот на екс премиерот Груевски. Освен него, овој комитет брои 15 члена меѓу кои се директорката на Клиниката за гинекологија, Хаџи-Лега, директорката на скопската Клиника за детски болести, Аспазија Софијанова, двајца преставници од ресорното Министерство, како и советници од Кабинетот на министерот Тодоров. Во последните неколку години се сменија повеќе лекари – членови на комитетот. Нови доаѓаат, старите си одат.

Инаку комитетот се формираше во периодот кога за само три дена починаа четири родилки и три бебиња. Од тогаш до денес, нема никаква информација од оваа институција, ниту, пак, комитетот одржал прес-конференција за тоа какви мерки се преземаат и дали воопшто работат на овие случаи.

Според нашите информации, последните пет месеци овој комитет не одржал ниту еден состанок, а досега од своето основање во 2010 година се одржани само три состаноци. Но дознаваме дека и таму не биле доставувани точните бројки на починати бебиња на Клиниката за гинекологија!

Како и да е, факт е дека секоја година, наместо да се намалува, сѐ повеќе се зголемува смртноста на новороденчињата поради што Македонија е прогласена за црн шампион по смртност на бебиња во Европа, а затоа покажуваат и последните податоци на европскиот индекс за корисниците на здравствените услуги, кој излезе лани. Таму Македонија е рангирана на 27 место од вкупно 35 земји, кои биле вклучени во студијата.

Во извештајот што доаѓа од Брисел, се наведува дека на државата ѝ претстои долг пат до подобра здравствена заштита. Според информациите, на годишно ниво во Македонија умираат 11 на илјада родени бебиња. Веднаш по неа се Албанија и Србија, додека најдобра е состојбата во Исланд, Финска и Словенија со околу два смртни случаи на 1.000 породувања.

Наместо директорката и лекарите од Гинекологија да се препукуваат со новинарите, сега имаат можност да излезат и да ги кажат точните бројки на починати бебиња во првите шест месеци од годината. Тие ги имаат во извештаите и најдобро ги знаат. Сигурно се свесни дека функцијата не е поважна од еден изгубен живот.

Наместо одговор на нашите прашања
МИНИСТЕРСТВОТО ДЕЛИ НАВРЕДИ КАКО ПАРТИСКИ ШТАБ

Повеќе од две години, Министерството за здравство не одговори на ниту едно прашање на „Фокус“, но конечно се почувствуваа повикани да одговорат за скандалот на Клиниката за гинекологија. Иако поставивме конкретни прашања и баравме прецизни податоци на оваа тема, од министерството нѐ удостоија со неосновани напади, дисквалификации и етикетирања. За да се уверите во тоа, ви ги претставуваме интегрално прашањата и нивниот сублимиран одговор:

ФОКУС: Што ќе преземете за зголемената смртност на новороденчињата на скопската Клиника за гинекологија, каде во последните шест месеци починале околу 80 бебиња, од кои само 20 во последните две недели?

ФОКУС: Дали министерот за здравство Никола Тодоров ќе има некаква реакција?

ФОКУС: Планира ли Тодоров да понесе морална одговорност за случувањата на Гинеколошката клиника, со оглед на тоа што постојано излегува тврдејќи дека е намалена смртта кај бебињата?

ФОКУС: Дали Министерството за здравство располага со официјалните бројки?

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО:  На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство од аспект на опрема и инфраструктурни услови се исполнети највисоките стандарди. Со вашето тврдење вие инсинуирате дека проблемот на Kлиниката е кадарот и нивната нестручност. Министерството за здравство не може да се сложи со оваа ваша тотално погрешна констатација која е исклучиво водена од политички причини, и како Mинистерство сметаме дека на Клиниката работат високо обучени професионалци кои се подготвени да се справат и се справуваат со најтешките случаи во оваа област на медицината во државава, односно се борат за здравјето на најтешките пациенти во медицинска смисла на зборот. Граѓаните мора да знаат дека ова не е ништо друго туку нарачана политичка кампања која ја сработувате по барање на СДСМ.
Народот знае што остави СДСМ, колкава смртност и знае дека со сите мерки, нова опрема, едукации и комплетно нова болница која работи согласно светски прифатени протоколи се направија огромни чекори напред и во оваа сфера. Показател за тоа е сериозно намалената доенечка смртност – тоа се факти, ова што вие го правите не е ништо друго туку валкана политичка пропаганда. Вие продолжете да лажете и одработувате платени политички нарачки, а ние ќе продолжиме да инвестираме во нова опрема, обуки и нова здравствена инфраструктура.