Скандалот на скопската Клиника за гинекологија се шири: Почина уште едно бебе, здравствените власти молчат

by Fokus 13:00
13:00

Текстот е објавен на 8 јули, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1083

Пишува Ирена МУЛАЧКА

- Advertisements -

Министерот за здравство на Црна Гора, Миодраг Радуновиќ пред две години поднесе оставка од функцијата, откако едно новороденче почина во болницата во Бјело Поље поради инфекции. Тој јавно излезе на телевизија и пред целата црногорска јавност соопшти дека ја напушта министерската фотелја поради смртта на бебето, скандалот што изби и поради нефункционирање на здравствениот систем.

Според медиумите, Комисијата за здравство во Собранието на Црна Гора и сите пратеници едногласно донеле одлука тогашниот министер Радуновиќ и директорот на болницата Томислав Јеремиќ каде што се случил овој настан да бидат сослушани и да дадат објаснување во какви услови се раѓаат и лекуваат бебињата и како било дозволено нехигиенски услови да бидат главната причина за инфицирање на пет новороденчиња. Во меѓувреме, биле сменети началниците на одделенијата за гинекологија и неонатологија, додека директорот поднел оставка поради морални причини.

За разлика од Црна Гора, ваквата слика не можевме да ја видиме во Македонија и по објавувањето на скандалозните податоци дека за само шест месеци на скопската Клиника за гинекологија починале околу 80 бебиња, од кои само 20 во последните две недели. Ниту министерот за здравство Никола Тодоров, ниту директорката на Гинекологија, Марија Хаџи-Лега не се почувствуваа одговорни да ги објаснат случувањата на клиниката – зошто толку голем број бебиња починале за шест месеци, ниту да дадат изјава на темата, а не, пак, да поднесат оставка од функциите поради морални причини. Тодоров се занимава со преговори за решавање на политичката криза, додека директорката овие денови се вратила од годишен одмор.

Во целата оваа афера, не станува збор само за лекарски грешки, односно за нестручно изведување на операциите и за интрахоспитални инфекции на родилките, туку, како што тврдат лекарите, се работи за системска грешка, која со години го урнисува македонскиот здравствен систем во кој најмногу страдаат пациентите, а во овој случај бебињата.

Според нив, неорганизираноста и недостигот од гинеколози, педијатри и анестезиолози во болниците во внатрешноста придонесуваат сите критични случаи на новороденчиња да се слеваат во Гинеколошката клиника, а главната вина оди на грбот на Тодоров, кој секојдневно на прес-конференции се фали за „реформираното“ здравство, кое е во длабока кома. Па, така – кој преживее, ќе раскажува!

НОВ СМРТЕН СЛУЧАЈ

Не помина една недела откако пукна аферата дека на скопската Клиника за гинекологија за шест месеци починале 80 бебиња, а дури 20 во последните две недели, во меѓувреме на клиниката почина уште едно новороденче, со што бројката на смртни случаи продолжува да се зголемува. За него било реферирано во понеделникот на утринскиот Стручен колегиум на клиниката, каде што се поднесуваат извештаи што се случувало во болницата за време на викендот и за време на дежурствата.

Според нашите болнички извори, новиот смртен случај на новороденче се случил утрото во неделата, иако родилката била породена неколку денови претходно. Според бројот на историјата на пациентката – 8261, се работи за 34-годишната родилка Х.С. од скопското село Батинци, родена 1982 година, која како итен пациент била донесена на клиниката. Нашите болнички извори тврдат дека пациентката била донесена со влошена здравствена состојба затоа што имала предвремено одлепена постелка и крвавела. Тоа значи дека настанале одредени компликации бидејќи новороденчето не добивало циркулација и се губел контактот меѓу мајката и бебето.

Оперативниот зафат бил извршен со царски рез во 36-та недела од бременоста, на 29 јуни во периодот од 12.30 до 13.15 часот, а за само неколку дена новороденчето починало. Бебето било тешко 3.090 грама, а долго 53 сантиметри. Важно е да се каже дека тука не се работи за лекарска грешка бидејќи родилката воопшто не била хоспитализирана на клиниката, туку била итно пренесена за операција. На нашата редакција ѝ е познат идентитетот на гинекологот-оператор што го извршил царскиот рез, како и името на гинекологот што ги поставил индициите (укажувањата), но одлучивме да не ги откриваме нивните имиња.

Според документите со кои располагаме, за повеќето од случаите во кои починаа новороденчиња, оперативните зафати биле извршени со царски рез. Една од нив е и 39-годишната пациентка од Скопје, која, исто така, на 14 февруари, 2016 година била породена на Гинеколошката клиника. Таа родила женско бебе, тешко 2.300 грама, а долго 45 сантиметри, кое за неколку дена починало. Во тој период, на клиниката имало уште неколку бебиња кои за брзо време починале, при што дел од нивните семејства бурно реагирале, не можејќи да поверуваат низ што се поминале по лавиринтите на македонското здравство.

„Фокус“ разговараше со некои од семејствата на кои им се случила ваква трагедија. Тие велат дека чекаат да помине одреден период, болката да се намали, за да излезат и да споделат со јавноста каква голгота поминале на клиниката, како со нив се однесувале медицинските лица, во какви услови се лекувале на клиниката? Дури, дел од нив размислуваат и да покренат судски процеси против клиниката или против гинеколозите што го извршиле породувањето. Информирани сме дека веќе имало и неколку поплаки од родилки и до Министерството за здравство.

Во претходниот број, со јавноста споделивме неколку случаи на родилки, кои во последните шест месеци ги изгубиле своите бебиња на Гинеколошката клиника. Една од нив беше 25-годишната И. Б., родена 1991 година, која на 10 јуни се породила со царски рез на клиниката и родила живо машко бебе, а за само неколку дена, на 13 јуни, тоа починало. Друг случај на починато бебе бил на 24 јуни, кога мртвиот плод од мајката, 35-годишната М.Ј. од Скопје бил изваден со царски рез.

Дополнителен проблем на клиниката, како што тврдат лекарите, е тоа што во новата зграда која функционира само пет години, со недели немало клима-уреди и вентилација, па тие неколку дена карактеристични за смртта на новороденчињата се решава токму тој проблем, потоа вработените со недели немаат тоалет хартија, а хигиената на клиниката е на многу ниско ниво, што според нив, е една од причините за појавата на интрахоспиталните инфекции. Во меѓувреме, нарушени се меѓучовечките односи меѓу лекарите и другиот медицински кадар. Дел од нив ја поддржуваат страната на директорката, додека други обвинуваат за мобинг, притисоци, закани и исфрлање од канцелариите каде што работеле со години.

БАКТЕРИИ И ИНФЕКЦИИ КОСАТ НА ГИНЕКОЛОГИЈА

Како најчести причини за зголемената смртност на новороденчињата се наведуваат предвремените породувања, интрахоспиталните инфекции и нестручноста на дел од лекарите. Досега, на Гинеколошката клиника имало и неколку случаи во кои дел од помладите гинеколози прават погрешни проценки – кога родилката треба да се породи, колку плодова вода има, до кога и е терминот, дали плодот добро се развива, дали има некакви аномалии?

Скопската Клиника за гинекологија веќе подолг период ја тресат скандали, а во нејзините операциони сали се запечатени судбините на многу семејства. Ќе наброиме само неколку случаи на родилки кои поминале хорор на клиниката и тоа во новата зграда. Една од нив e 36-годишната Емилија Николова од Струмица, која тврди дека поминала трнлив пат на Гинеколошката клиника, па одлучи да ни го сподели своето горко искуство.

Ништо не ме чуди дека умираат толку бебиња зашто кој како стигне од внатрешноста со компликации во бременоста, и да не е за породување веднаш го породуваат. Па, кое дете има среќа да преживее, ќе преживее. Јас со Брза помош бев префрлена во Скопје со крвавење во 31-та недела од бременоста. Прво бев сместена на Патологија, а поради немање место, третиот дена бев префрлена на интензивна нега со изговор дека ќе сум во сигурни раце. Таму се случуваа хорори, секојдневно умираа родилки. Од преголем стрес, прокрвавив. Тамам се смири крвавењето, ми направија ЦТГ и наводно покажа дека нешто не е во ред со постелката. Главен проблем беше тоа што немаше каде да ги сместуваат родилките, па секоја вечер породуваа некоја предвреме и бебињата умираа – тврди Николова за „Фокус“.

Таа додава дека на тој начин почнал нејзиниот хорор на клиниката, кој и оставил огромни трауми.

Од преголем стрес пет дена не бев во тоалет. Ме однесоа да ме породат со царски рез и родив машко бебе кое поради компликации веднаш беше префрлено во инкубатор на Интензивна нега. Кога прашав како е моето бебе, шефицата почна да ми вика дека треба да сум среќна што е живо и да не се распрашувам многу и да се молам да преживее бидејќи може да го снајде најлошото. Поминавме голема голгота, но знам дека повеќе не раѓам таму. Јас сум жив доказ зошто децата умираат на Гинекологија – додава 36-годишната Николова.

Според неа, од тоа што немало каде да ги сместуваат родилките многу од нив лежеле во ходник, лебарки шетале на сите страни, а тоалетите биле како во филм на стравот и ужасот.

Доживеала страшно искуство и животот ѝ бил во опасност и на 24-годишна пациентка, која пред повеќе од една година се породила на клиниката и родила здраво бебе. Нашите болнички извори тврдат дека во периодот од неколку дена додека мајката лежела на клиниката закачила бактерија, здравствената состојба ѝ се влошила, при што ѝ била извадена матката. Екипата на „Фокус“ се виде со мајката, која сакаше да остане анонимна, но ни раскажа што сѐ преживеала за време на престојот на клиниката.

За таму доволен е само еден збор – хорор. Кога ќе отидеш, ќе видиш нова зграда и на прва, сѐ изгледа совршено. Таму владее страшна нехигиена, па не е чудно што родилките и бебињата ги фаќаат бактериите стрептокока и клепсеила. Лебарки шетаат на сите страни, чаршафите се валкани и потоа се чудиме за интрахоспитални инфекции. Односот на медицинските сестри и болничарите е лош и арогантен. Јас, „благодарение“ на бактеријата, останав без матка, одвај ме спасија и сега не можам да имам уште едно дете. И потоа се чудиме зошто родилките собираат пари за да се породат приватно – тврди 26-годишната родилка.

„Фокус“ пред неколку години пишуваше за случај на двомесечно бебе од внатрешноста на земјата, кое поради инфекција доби гангрена и му беше ампутирана раката. Неговите родители поднесоа претставка до министерот за здравство Тодоров, но оттогаш до сега овој случај не доживеа никаква разрешница. Според документите, се работи за женско бебе, за кое родителите во претставката до министерот тврдат дека бактериите стафилокока и стрептокока, но и лекарската негрижа и несовесното лекување се причините за тажната судбина на бебето.

Нашето дете беше родено на 14 октомври 2011 година како предвремено родено бебе и поради тоа, мораше да биде задржано на лекување во клиниката. Ние десет години немавме деца и на целата наша радост се соочивме со уште еден удар. На раката на бебето имаше белузлави отоци, а никој не сакаше да ни објасни што се случува. Единствената информација што ни ја дадоа беше дека подлактицата на нашата ќерка треба да се ампутира, а како и зошто никој, не ни објасни – се наведува во преставката до министерот.

По новата претставка што ја испратиле, родителите дури на 11 ноември 2011 година успеале да ја добијат медицинската документација на бебето, што според нив има куп нелогичности. Според документот од гинекологија, кај новороденчето е изолирана бактерија стрептокока, поради што е дојдено до рана сепса.

Но, тоа не е сѐ. Според документите со кои располагаме, пред стартот на 2012 година починале само три бебиња во едно дежурство. И тоа, две од бебињата починале поради незрелост, породени во 26-та недела, додека третото, породено во 31-та недела, имало шанси да преживее, доколку не било заразено од смртоносната бактерија клепсиела.

Дополнителен проблем во целата приказна претставува тоа што и покрај многубројните смртни случаи на новороденчиња на клиниката и заразата од разни инфекции не се вклучи црвениот аларм на тревога кај здравствените власти за да се најде начин како да се спречат или барем да се намалат алармантните бројки.

И по десет дена, директорката на Гинекологија, Марија Хаџи-Лега упорно молчи за скандалот. Како што дознаваме, по избивањето на аферата, таа на работа првпат се појавила во средата по враќањето од годишен одмор. Нашите извори тврдат дека директорката на Стручен колегиум се расправала со вработените тврдејќи дека знае кој ги изнесува документите од клиниката и дека за тоа ќе биде казнет.

 

ЗАТВОРЕНИ РОДИЛИШТА, НЕДОСТИГ ОД ГИНЕКОЛОЗИ, МРТВИ БЕБИЊА….

Лекарите тврдат дека статистички бројот на починати бебиња на скопската Клиника за гинекологија се зголемува затоа што болницата претставува регионален центар од каде што доаѓаат сите критични случаи од внатрешноста на земјата и од приватните болници. Според нив, да настане и мала компликација, родилката веднаш ја префрлаат на Гинеколошката клиника во која има над 50 гинеколози.

За ваквите црни статистики проблемот може да се бара и во тоа што многу родилишта во другите градови низ Македонија се затворени и со години не функционираат, некои поради лошите и катастрофални хигиенски услови, некои поради недостигот од гинеколози, педијатри и анестезиолози. Сепак, тие што останаа, работат со по еден или двајца гинеколози во градови во кои има од 70.000 до 100.000 жители.

Но, да одиме со ред. Во болниците во внатрешноста има 69 гинеколози –специјалисти и уште 120 матични гинеколози, што значи дека околу 700.000 жени во државата се оставени во рацете на вкупно 189 гинеколози. Според податоците со кои располагаме, во Струмичката болница има шест гинеколози, додека во Валандово, Гевгелија, Радовиш и Неготино нема ниту еден гинеколог. Во штипската Клиничка болница има четири гинеколози, но привремено и по потреба дежураат и матичните гинеколози. Исто така, во градови како Дебар и Кичево има по два гинеколози, во Охрид пет, а во Струга и Битола по девет гинеколози, додека во Кавадарци е евидентиран само еден гинеколог. Во Неготино нема болница каде што може да се породуваат родилки, а во Кратово и Крива Паланка родилиштата се затворени.

Гинеколозите со кои разговаравме тврдат дека проблемот е системски, дека има алармантен недостиг од гинеколози и дека во 21-от век застрашувачки е да умираат толку бебиња.

Страшна е бројката на починати бебиња на Гинекологија. Колку се способни лекарите, тоа не знам. Како причини можат да се наведат и предвремените породувања, како и интрахоспиталните инфекции. Мора да се води сметка и за тоа дали смртта настанала за време на раѓањето, дали е после раѓањето или плодот веќе бил мртов. Едно знам, дека во недостиг на гинеколози се сѐ слева на скопска Гинекологија – вели доктор Гоце Чакаровски, гинеколог.

Сепак, тој тврди дека не сфаќа како во нова зграда како таа што е на Гинекологија може да има толку инфекции и компликации. Според него, нејасно е и тоа зошто менаџментот има потреба да ги крие бројките на починати бебиња, кога тоа се јавни податоци.

Со тоа што ги кријат бројките само создаваат поголеми сомнежи. Секаде во светот се случуваат и лекарски грешки и интрахоспитални инфекции, но колку побрзо се соочиме со причините и со бројките, толку побрзо ќе ги решиме проблемите. Треба да се кажат проблемите, за да се решат. Факт е дека проблемот е системски. За тоа во светот веднаш ќе се реагира, ќе се отворат дебати, ќе има оставки. Само кај нас никој од здравствените власти не го интересира – додава Чакаровски.

Ваквите страшни бројки редовно се кријат под тепих, а за целата стратегија за погрешното водење на здравствениот систем не одговара никој. Сите жени во репродуктивен период се оставени на само 120 матични гинеколози пренатрупани со гломазна администрација, доведени на работ на преживување и затоа и состојбата резултира со вакви црни бројки.

Рамка:

ТОДОРОВ МОЛЧИ ЗА СКАНДАЛОТ, А ПРОМОВИРА ПРОЕКТ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА СМРТНОСТА НА БЕБИЊАТА

 Во меѓувреме, додека во јавноста пукна скандалот на скопската Клиника за гинекологија, министерот за здравство на темата мудро молчи, но затоа пак излезе на прес-конференција на која се пофали дека министерството кофинансира специјализација на 47 матични гинеколози. Според планот, лекарите ќе плаќаат само 10 проценти од вкупната сума за специјализацијата, а по завршувањето ќе имаат загарантиран договор со Фондот. Тодоров додаде дека на тој начин ќе се зајакне оваа специјалност во државата и ќе придонесе за намалување на доеничката смртност.

Поврзани новости