Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров и пратенкот Мухамед Зекири, попладнево се сретна со Мевљут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Република Турција, придружуван од пратениците Хусејин Бурге и Шабан Дишли, како и од амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара.
Како што соопштија од владата, на средбата е изразена заедничка определеност за продлабочување на традиционалните пријателски односи помеѓу Македонија и Турција.
-Владата на Македонија е силно посветена на реформите важни за евро-атланстките интеграции на државата, но тие истовремено ќе придонесат и за развој на економијата и правната држава, како и за квалитетен живот на сите граѓани – рекол Заев, додавајќи дека Владата воедно работи и на создавање поволна деловна клима, за да овозможи функционирање на домашните претпријатија, но и странски инвестиции.
Во таа насока, министер Чавушоглу истакнал дека постои интерес кај турски инвеститори за вложувања во Македонија, посебно по реформите што ги презема Владата за политичка и економска стабилизација.