УМС ВМРО – ДПМНЕ Крушево го обвини крушевскиот градоначалник Томе Христоски за манијачење, односно дека ги следи, се манијачи и се грижи за сексуалниот живот на девојки, активистки на нивната партија. На нивната Фејсбук страница, тие обвинуваат дека градоначалникот наводно во тек на ноќта оди во блиската шума, каде ги запишува регистарциите на паркираните автомобили, и проверувал во чија сопственост се, а потоа судел за нивниот љубовен живот.
Оваа објава следуваше откако Христоски на својот профил порача дека мора да има соживот во Крушево, и како не треба да се подгреваат страстите и национализмот, прашувајќи на кој јазик разговарала активистка на ВМРО ДПМНЕ со нејзиниот љубовник од албанско потекло.
-Една ,,патриотка’’, активист на ДПМНЕ од Крушево, баш ме интересира на кој јазик разговараше во касните саати зад ,,Корија’’ синоќа во автомобил, со својот љубовник, албанец? Или само преку ден сте ,,патриоти’’! Во Крушево отсекогаш имало соживот и разбирање помеѓу сите националности. Ве молам, не ги подгревајте страстите, тензиите, национализмот и наводното ваше незадоволство кон другите етнички заедници – напишал Хрстоски пред два дена.
За ,,Фокус’’ тој вели дека се извинува доколу искористил несоодветен пример, но неговата порака била јасна – Соживот во Крушево и во цела Македонија, мора да има.
-Пораката на мојот Фејсбук статус е јасна, а тоа е дека мора да има соживот во Крушево и секаде во Македонија. Во однос на примерот што го споменав, јас сакам да се извинам доколку некого навредив или пак искористив несоодветен пример. Мојата цел беше да го спречам лицемерието кое доаѓа од поддржувачи на опозицијата и како Градоначалник сакам да спречам меѓусебна омраза и нетрпеливост. Во неколку наврати претходно сум потенцирал дека сите граѓани на општина Крушево без оглед на нивната партиска припадност или симпатии, сакаме да бидат дел од создавањето на едно поубаво Крушево. Ако мојот статус придонел за нешто во обратниот правец го повлекувам – ни изјави градоначалникот.
Околу обвинувањата дека наводно се манијачел во шумата и навлегувал во љубовниот живот на крушевчани, тој е категоричен.
-Деновиве добивме потврда дека добиваме 500.000 евра од ЕУ така што немам намера да навлегувам во приватниот живот на моите сограѓани. Како што реков, со примерот само сакав да го изразам лицемерието кај одредени луѓе кои поттикнуваат меѓуетничка омраза – ни изјави Христоски.
Вики Клинчарова