Суспендиран Небојша Стајковиќ од МВР за насилствата во Собранието

МВР суспендираше нови 15 припадници коишто на 27 април во Собранието не дејствувале професионално, објави Алсат.

Меѓу нив е и помошник-министерот ангажиран за телекомуникации, Небојша Стајковиќ, кој ќе сноси одговорност за нефунцкионирањето на тетра-системот за снимање на командите во главните управи во МВР, како што се УБК, Бирото за јавна безбедност и шесттата управа.

Неколку дена по крвавите настани, МВР суспендираше шест полициски припадници, меѓу кои и Оливер Поповски, началник за превенција, Марјан Митевски, началник на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Сашо Милошевски, инспектор за кој било констатирано дека ги спречил полицајците да формираат кордон.

Освен овие суспендирања, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков е разрешен од Оперативниот штаб и на неговото место е назначен Горанчо Савовски. Бројот на суспендирани полициски службеници се очекува да се зголеми откако ќе се заврши составувањето на извештајот на Внатрешната контрола во рамки на МВР, кој се очекува да биде финализиран наредната недела, објави телевизијата.