Новинарката на НОВА, Сашка Цветковска е добитничка на првата „Награда од Европската Унија за истражувачкото новинарство за 2014“, за нејзината статија под наслов „Шпионот земјопоседник“. Втората награда му припадна на новинарот на „Фокус“ Љубиша Арсиќ за новинарската статија „Дали исчезнатите АФИС системи се користат за производство на биометриски документи“, додека третата награда и е доделена на Билјана Николовска од „Телма“ за статијата „Кога здравствениот систем убива дете“ за случајот со малата Тамара.
На конкурсот за 2014 година учествуваа 15 автори со 18 стории, објавени во печатените, електронските и Интернет медиумите.
Наградата од Европската Унија за истражувачкото новинарство, што ќе се доделува и во наредните две години, има цел да ги истакне и да ги промовира извонредните достигнувања на новинарите истражувачи и да ја подобри видливоста на квалитетното истражувачко новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција.