Средба Заев – Бабиќ: Создадени се услови за продлабочување на соработката помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина

by fokus

Посетата на висока делегација предводена од премиерот Зоран Заев во сабота во Сараево ќе биде почеток на интензивирање на соработката помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина, за што денеска претседателот на Владата разговарал со босанската амбасадорка во земјава Лепа Бабиќ.

„Констатирано е дека по формирањето на новата демократска Влада во Македонија се создадени услови за продлабочување на соработката во повеќе области, од интерес за граѓаните на двете држави. Станува збор за меморандуми за соработка што ќе донесат олеснувања за земјоделците и во областа на културата“, соопшти владината прес-служба за средбата на Заев и Бабиќ.

Во периодот што претстои разгледани се можностите за договори околу меѓусебно признавање на возачките дозволи, овозможување на граѓаните на двете земји да влегуваат во државите со лични карти, поголема соработка во областа на образованието преку размена на студенти и професори, продлабочување на економската соработка преку формирање бизнис-клуб. Од двете страни сериозно се разгледува и можноста за отворање авиолинија на релација Скопје – Сараево.

Амбасадорката Бабиќ соопштила дека постои голем интерес од бизнисмени од Босна и Херцеговина за инвестирање во Македонија кои, како што е наведено во соопштението, во демократските промени во Македонија и најавените реформи на Владата гледаат услови за инвестирање во државава.

Поврзани новости