На два дена пред генералниот штрајк на СОНК, просветарите добија поддршка од 1.6 милиони членови на Синдикатот за образование на САД, се наведува во писмото испратено од др. Лорета Џонсон, секретар на американскиот синдикат.
– Сакаме да изразиме поддршка за членството и лидерството на СОНК во спротиставувањето на промените во државниот Закон за основно и средно образование кои ефективно го поништуваат правото на штрајк. Овие промени, кои од директорите на училиштата бараат смена на работниците кои штрајкуваат, директно ја прекршуваат Конвенцијата бр. 87 на Меѓународната организација на трудот односно „Слободата на право на организирање и заштита на правото на организирање – се наведува во писмото за поддршка.
Според неа, обидот на владата да ја заобиколи оваа основна обврска кон нејзините граѓани е неверојатен.
– Ви се придружуваме во вашиот повик до Владата за отповикување на оваа незаконска мерка, и повторно враќање кон фер преговори како дел од социјалниот дијалог. Вашиот Устав јасно нагласува „Член 38: Правото на штрајк е гарантирано“.Синдикатот за образование на САД е горд што соработува со СОНК повеќе од десет години. Ќе продолжиме со нашата поддршка во борбата за тоа што е правилно за наставниците, учениците и нивните заедници како и за државата – пишува понатаму во писмото.