Блиски роднини на легендарната кралица на Ромската песна, Есма Теодосиевска, ќе се борат за нејзниот имот, кој што според тестаментот, таа и го оставила на Република Македонија.
Пред неколку дена, во емисија во радио Слободна Македонија, блиската соработничка и претседателка на хуманитарното здружение ,,Кралица Есма и Стево Теодосиевски’’, Зорана Костовска изјави дека Есма и го остава целиот свој имот на Македонија.
Како што дознаваме, се работи за куќата на Кале од 860 квадрати и за авторските права од богатата музичка ризница на ѕвездата. Набргу по соопштението за тестаментот, на својот Фејсбук профил се огласи Васка Јанковска, блиска пријателка на Есма, и долгогодишен член во музичката екипа на Горан Бреговиќ, и обвини дека се сомнева како тестаментот е лажен, и како Есма има фамилија.
,,Јас бев многу блиска со Есма, затоа и си зедов за право да реагирам. Есма има многу внуци од своите сестри и браќа, на сите им помагаше цел живот, се грижеше за нив. Тие веќе ангажираа адвокати и ќе се борат за своите права. Како нејзини блиски крвни роднини, сметам дека ним им припаѓа куќата и не верувам дека Есма оставила тетстамент во кој што се и поклонува на државата. А околу авторските права, со сигурност можам да кажам дека Симеон Атанасов, кој што беше покрај Есма за време на нејзините концерти и настапи и се грижеше за нејзината кариера, треба да ги добие сите права. Не знам од каде излезе тестаментот, но не верувам дека Есма би потпишала такво нешто. Постојано бев покрај неа, знам дека таа сакаше да им остави имот на внуците, се грижеше за нив. Ако некој смета дека ова што го зборам не е вистина, јас можам да одам и на суд и да кажам многу нешта, бидејќи знам многу работи за Есма кои што таа лично ми ги кажала, но и како нејзина пријателка гледав што и се случува во последните години од животот’’ – ни изјави во телефонски разговор Јанковска, додавајќи дека проблемите се помеѓу внуците од сестри и браќа на Есма и помеѓу хуманитарното здружение, а не помеѓу децата што таа ги вдоми.
Реџепов Аднан, внук од брат на Есма, кој што живее во Германија, ни потврди дека сепак, семејството ќе си ги бара своите права.
,,Моментално сум на работа, но во тек на наредните денови ќе ви ги дадам сите потребни информации околу настаните со тестаментот’’ – изјави тој.
Реџепов, кој што долги години работи и живее во Германија, дошол во Скопје на погребот на неговата тетка Есма, која што почина на 11 декември минатата година на 73 годишна возраст, по кратко и тешко боледување.
И менџерскиот тим на Есма, Весна Ѓорѓиевска и Симеон Атанасов ни потврдија дека има проблеми помеѓу семејството на Есма и хуманитарното здружение, околу нејзиното наследство.
,,Јас и Симеон решивме да се дистанцираме од сето ова. Гледаме дека фамилијата и хуманитарното здружение очи ќе си извадат. Нека докажуваат по судови кој е прав, а кој е крив. Ние како ,,VC Music Production’’ сме надвор од овие случувања. Сакаме да си го задржиме добриот спомен за Есма. Ние ќе почитуваме се што ќе се потврди дека и било по волја’’ – ни изјави Весна.
Таа додава дека не била повикана на отворањето на тестаментот, но смета дека и немало потреба да биде присутна.
Симеон Атанасов ни потврди дека го дели истиот став со неа, а за разлика од неа тој бил повикан на отворањето на тестаментот.
Зорана Костовска, претседателката на здружението не беше достапна за коментар по повод случувањата.
Вики Клинчарова