СЈО го бара предметот „Монструм“

by fokus

Специјалното јавно обвинителство го побарало предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско езеро. Ова е причината за денешното отсуство на јавниот обвинител кој го застапува овој предмет, поради што рочиштето во Кривичниот суд беше одложено за 17-ти април.

Како што рече судијата, предметот на СЈО им бил доставен вчера по што обвинителството има осум дена да се произнесе дали е надлежно.

Сашо Дуковски, адвокат на обвинетите, смета дека СЈО треба да го преземе предметот. Според него двете страни во случајот се оштетени и страна на обвинетите, кои одлежаа шест години во притвор, и страната на оштетени, кои, како што рече, имаат право да ја знаат вистината за смртта на своите најблиски.

– Согласно Законот за Специјалното јавно обвинителство (СЈО), СЈО одлучува самостојно кога да воспостави стварна надлежност, а тоа е надлежност за постапување по некој предмет. Во моментов постои барање од СЈО за доставување на предметот со вчерашен датум и во рок од осум дена ќе се утврди дали ќе воспостави стварна надлежност за постапување по овој предмет. Одбраната смета дека тоа треба да се воспостави –  изјави Дуковски.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За Судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Поврзани новости