Претставници на двете најголеми партии од власта и опозицијата – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, водат преговори за надминување на неколку актуелни политички состојби и прашања, вклучително и утврдување на нов модел на финансирање на политичките партии.
Како што дознава Фокус од добро упатени партиски извори, кај двете партии постои расположение да се усвојат законски измени, со кои партиите нема да се финансираат главно од донации од физички и правни лица и од членарини како досега, туку од државниот буџет, од каде треба да се издвојуваат неколку милиони евра, согласно постигнатите изборни резултати.
Иако во прв момент тоа може да наиде на отпор кај јавноста и граѓаните, нашите извори се убедени дека овој модел ќе биде општоприфатлив за сите, бидејќи, според нив, ќе ја сузбие коруптивната врска меѓу бизнисот и политиката, односно компаниите и партиите, што понатаму отвора спирала на коруптивни односи кои се проценува дека му прават штета на буџетот од околу 4 милиони евра на годишно ниво.
-Ниедна компанија не сака да донира средства кон партиите легално преку жиро-сметка, бидејќи така ќе биде обележана и потоа ќе биде мета на реваншизам. Затоа, компаниите даваат пари во кеш кои потоа партиите ги официјализираат на тој начин што им ги даваат на луѓе да ги уплаќаат на партиската сметка како членарини. На тој начин, партиите создаваат двојна обврска – и кон фирмите што им дале пари и кон оние што ги уплаќале – објаснуваат нашите соговорници.
Од двете партии одбиваат да откриваат за детали за текот и содржината на преговорите, кои, според нашите сознанија, ги водат работни групи предводени од заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.
Неофицијално, предмет на преговори е и промена на изборниот систем од 6 до една изборна единица, без притоа да се воведуваат отворени листи, додека двете страни ја отвориле и можноста за евентуална заедничка поддршка на неколку законски решенија, како на пример за законот за заштитени сведоци, но за тоа се уште се далеку од договор.
Инаку, во овој пакет е и прашањето за избор на потпретседатели на парламентот, при што парламентарното мнозинство веќе ги одредило Фросина Ременски од СДСМ, Горан Мисовски од НСДП и Весел Мемеди од НДМ, додека ВМРО-ДПМНЕ одбива да предложи свој кандидат доколку власта не го повлече Мисовски, како и доколку не се постигне договор за други прашања, вклучително и за законот за јазиците.
В.С.