Движењето против хендикеп „Полио пулс“ реагираа на изјавата на пратеникот Антонио Милошоски дадена на 23 декември во изјава за ТВ21 во која го обвинуваат за говор на омраза кон лицата со хендикеп. Нивната реакција ја објавуваме во целост:
На 23 декември 2017 година во изјава за ТВ 21, пратеникот Милошоски порачал „Конгрес без целосен легитимитет е еднакво на претседател со хендикеп“. Оваа изјава е објавена на ТВ 21 и е преземeна од голем број на медиуми, како печатени така и електронски. Изјавата кај дел од медиумите е повлечена. И покрај тоа радиодифузерите го повлекоа написот, сепак и понатаму останува големaта стигма кон граѓаните со хендикеп како граѓани од втор ред, па дури и без легитимитет.
Имено, изјавата на г. Милошоски претставува говор на омраза кон лицата со хендикеп и целосно кршење на обврските од Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп. Имено согласно член 8, како и обврските од член 4 од Конвенцијата, државата се обврза дека нема да шири омраза и ќе ги промовира во позитивна слика лицата со хендикеп и нивните способности, па биле тие и претседатели.
Г- дине Милошоски, Вашата изјава претставува и своевидна потврда дека ниту пратениците ниту партиите не ги претставуваат интересите на лицата со хендикеп во државата. Со што секако го поставува и прашањето за Вашата легитимност и за тоа колку Вие како „народни избраници“ воопшто имате легитимитет да ги застапувате интересите на заедницата на лицата со хендикеп. Вашата изјава само го потврдува стереотипот и размислувањата што ги имате кон нас – граѓаните со хендикеп.
Да беше поинаку, во Вашите редови ќе имавте лице со хендикеп и како „народни избраници“ ќе го делевте столчето со колеги, пратеници со хендикеп“.
Во врска со легитимитетот на претседател со хендикеп, за Ваша информација, легитимноста на претседателите со хендикеп во нашата држава ја одредува Министерството за труд и социјална политика. Што претставува системска дискримнација кон нас, граѓаните со хендикеп. Па така во нашава држава имаме човек кој е оценет и квалификуван да биде претседател и да работи како претседател.
Имајки ја предвид веќе воспоставената практика, би сакале да ви го предложиме истото. Со други зборови сите пратеници, министри, раководители и директори, вклучуваќи ја и функцијата претседател на Р. Македонија да поминете низ една ваква комисија, а се со цел да ја утврдиме ваша постоечка легитимност и секако, Вашата способност да не застапувате, па дури и да преговарате во наше име.
Второ нешто кое што го предлагаме е сите партии под хитно да си обезбедат обука по прашањето на хендикеп во своите редови (од највисокиот орган па се до членовите во разно-разни комисии и управни одбори). Обуката би ја извршувале лица со хендикеп (неспособни и нелегитимни граѓани од втор ред), за да Ве научат на легитимитет и да Ви посочат дека кога и да преземате и најмала акција, кога и да сакате да изговорите и еден збор во име на граѓаните, истиот треба да Ви биде во линија со Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп.
Се надеваме дека јавно ќе се извините и со иста ваква жестина ќе ги предложите горе наведените препораки, до Вашите колеги во Собранието, партијата, роднини и пријатели од законодавната, извршната и судската власт.
Дополнително, би сакале да упатиме и реакција до новинарите и медиумите кои ја објавија оваа содржина.
Имено, и во Законот за медиуми и во Кодексот на новинари на Македонија (кои се разбира не се усогласени со правата на нелегитимните граѓани и нивниот Кодекс преку Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп), јасно сте си посочиле дека „Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации кои што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“ Дополнително сте си навеле дека „Медиумот и новинарот не треба да објавуваат материјал (информација, слика, мислење, коментар) кој има за цел да шири непријателство или омраза, спрема некого поради неговата раса, етничка припадност, пол, вера, политичка припадност, сексуална ориентација, физички недостаток итн.“
И во овој контекст, и покрај тоа што прашањето на хендикеп не е во дефинираните основи, (што во следните измени на Законот на медиуми треба да се редефинира), сепак согласно Конвенцијата, радиодифузерите и печатените медиуми не смеат да емитуваат содржини што се насочени кон „…. поттикнување или повикување на … омраза и нетрпеливост кон заедницата на лицата со хендикеп“.
Се надеваме дека и новинарите и печатените медиуми кои ја објавиле оваа содржина на Г- динот Милошоски ќе се извинат, а Советот за етика во Медиумите на Македонија (СЕММ), Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Здружението на новинари ќе постапат согласно своите задолженија и ќе преземат соодветни мерки против медиумите кои ја објавија оваа содржина.
Со почит
Звонко Шаврески
Легитимен претседател со хендикеп
Полио Плус – движење против хендикеп