Министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи потрошиле најмногу пари за авионски билети во споредба со сите други владини функционери по формирањето на владата во мај минатата 2017 година, по кои следуваат министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за култура Роберт Алоѓозоски.
Како што покажува Алатката за отчетност на јавните функционери, Димитров од јуни до крајот на минатата година потрошил 980.199 денари за авионски билети и добил 170.784 денари за дневници при патување во странство, по кого следува Османи, кој за авионски билети потрошил 313.777 денари, а за дневници добил 33.232 денари.
Според оваа ставка, на третото место е министерот кој води според парите потрошени во угостителски објекти – Бектеши, кој за авионски билети потрошил 209.430 денари, а за дневници во странсво добил 80.239 денари, додека на четврто место е Алоѓозоски, со 196.755 денари за авионски билети и 76.844 денари за дневници.
Понатаму, вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, за авионски билети потрошила 183.546, а за дневници во странство добила 49.518 денари.
Сите тие всушност за оваа намена потрошиле повеќе до премиерот Зоран Заев, кој за авински билети потрошил 74.040, а по основ на дневници добил 67.900 денари.
Другите членови на владиниот кабинет потрошиле далеку помалку средства за авионски превоз, додека некои воопшто не трошеле за оваа намена.
Такви се примерите со министрите за животна средина и за транспорт и врски, Садула Дураку и Горан Сугаревски, како и вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика, кои воопшто не потрошиле пари за авионски билети, односно или не патувале во странство, или, пак патувале во регионот во копнен пат.