Наумоски: Помина времето на приоритети по партиски налози, за нас сите жители на Ѓорче Петров се еднакви и важни

Во Волково отвораме истурена канцеларија на општината каде што граѓаните од населените места Стопански Двор, Кисела Јабука, Ново Село, Волково, Пржина, Никиштани и Кучково ќе можат на едно место да ги поднесуваат своите барања за сите сфери од надлежноста на општината, истакна кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на СДСМ, Александар Наумоски.

– Општинската администрација да биде сервис на граѓаните во остварување на секојдневните комунални и административни потреби. Примените барања и предлози ќе бидат администрирани од општината и преку истата истурена канцеларија на општината ќе им бидат вратени одговори на граѓаните. На овој начин тие непосредно учествуваат во локалната самоуправа. Ова го олеснува и решавањето на проблемот со легализацијата на земјиштето, со којшто се соочува дел од општината поради немање планска документација, граѓаните побрзо и полесно ќе ги доставуваат документите, а со тоа ги добиваат сите услуги на едно место – тврди Наумоски.

Тој додава дека планираат да организираат отворени денови, каде Ѓорчепетровци ќе добиваат информации за буџетските средства, отворено ќе ги споделат своите идеи со општинската администрација.

– Секој граѓанин добива еднаков третман, заврши времето на приоритети по партиски налози, за нас сите Ѓорчепетровци се еднакви и важни. Затоа на 15 Октомври гласајте за живот за сите во Ѓорче Петров, гласајте за живот за сите, гласајте за подобра иднина на нашите деца – додаде кандидатот за градоначалник.