Вицепремиерот Муса Џафери најверојатно ќе поднесе оставка на својата владина функција, дознава Фокус од партиски извори во ДУИ.
Како што стојат работите има две опции за повлекувањето на Џафери од вицепремиерската функција. Првата е, оставката да се случи во текот на оваа недела, со именувањето на новите министри и заменици министри од СДСМ, а втората опција е Џафери да си замине во декември, кога од премиерската позиција ќе си замине Никола Груевски.
Оставката на Џафери во партиски кругови се коментира како дел од најавените реформи во партијата, во кои повеќе еминентни партиски членови бараат реструктуирање на партијата но и на владините позиции на ДУИ.
Името на Муса Џафери беше споменато во сведочењето на екс разузнавачот Владимир Богоевски, кој пред американскиот суд изјавил дека двајца важни членови на владејачката ДУИ, при тоа зборувајќи за Џафери и за лидерот Али Ахмети биле дел од корупцискиот скандал за подмитување на владини и партиски функционери за да се пролонгира монополот на Телеком на македонскиот пазар.
Не е извесно дали и Ахмети ќе биде дел од најавените реформи во партијата, односно дали би го следел Џафери во евентуалната оставка.