Марија Хаџи-Лега неделава ќе биде разрешена од директорската позиција на Клиниката за Гинекологија

by Fokus

Актуелната директорка на скопската Клиника за Гинекологија Марија Хаџи-Лега до крајот на неделава ќе биде разрешена од директорската функција, дознава „Фокус“ од извори во министерството за здравство.

– Нејзиното разрешување е планирано за утре или задутре, со тоа што клиниката за овие два дена ќе добие нов директор – тврдат нашите извори.

Иако ќе биде тргната од директорското столче, сепак таа ја продолжува битката на лобирање, за тој што ќе седне на нејзиното место да биде нејзин човек, за да успее да спречи да излезат многу работи од клиниката што се случија за време на нејзиниот мандат. Според нашите информации, таму лекарите се поделени на два табора, едни кои ја поддржуваат Хаџи-Лега и други кои одвај чекаат да ѝ го видат грбот, не можејќи да ги поднесат притисоците, лошите меѓучовечки односи и заканите со откази.

Битката за нов директор на Клиниката за гинекологија засега се води меѓу две докторки, Викторија Јовановска и Ана Данева. Засега, тие се единствените кандидатки, од кои едната најверојатно ќе биде наследник на Хаџи-Лега.

Таа оваа функција ја извршува веќе петта година, односно на директорското столче седи од август 2012 година. Можеби на многумина не им е познато, но таа ја породи сопругата на екс министерот за здравство Тодоров, Александра со својот втор син. Неколку месеци потоа, по одредени натегања, таа ја зазеде директорската позиција на Гинекологија.

Набргу откако стапи на функцијата, Хаџи–Лега одлучи да направи одредени измени, при што според тендерот објавен на Бирото за јавни набавки, на сметка на клиниката директорката потрошила вртоглави 20.000 евра за опремување на својот директорски кабинет со скап италијански мебел во бела боја.

Сето тоа не би претставувало проблем доколку клиниката не се соочуваше со финансиски проблеми. Директорката на Гинекологија, исто така, беше дел од контрапротестите пред Министерството за здравство.

За време на нејзиното директорување, клиниката ја следеа низа скандали, меѓу кои е и зголемената смртност на новороденчињата. Како што се најавува, веднаш по нејзиното разрешување се очекува да се изврши финансиска ревизија на целата нејзина работа, а, исто така, се планира да се провери на какви семинари и конгреси патувале таа и нејзиниот тим, во кои земји, во кои и какви хотели биле сместени…

Хаџи-Лега ќе биде уште една на листата директори што ќе ги напуштат директорските столчиња, откако досега неколку клиники добија нови директори.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости