„Ги осудуваме хомофобичните изјави на некои од актуелните пратеници кои преку дискриминаторски говор и говор на омраза ја деградираат ЛГБТИ заедницата, спротивно на реформската насока на политичко делување за која се залага новата влада“, реагираат од ЛГБТИ центар за поддршка, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и „ЛГБТИ Јунајтед“
Реакцијата доаѓа откако потпреседателот на СДСМ, Мухамед Зекири на неговиот Фејсбук профил постираше религиозна изрека од пророкот Мухамед која често се користи во контекст на осуда на хомосексуалноста. Прашањето за геј браковите и хомосексуалноста во јавноста се актуелизираше откако вчера во Собранието пратеникот на ДУИ, Бранко Манојловски побара да се легализираат истополовите бракови во Македонија. Со конзервативните ставови кои подоцна преку Фејсбук ги упати Мухамед Зекири, на вчерашната седница се согласија и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Африм Гаши од партијата БЕСА кои сметаат дека бракот мора да остане помеѓу еден маж и една жена, додека хомосексуалноста е девијантна појава.
„Со големо внимание ја следиме работата на сите државни органи кои учествуваат во процесот на донесување одлуки и спроведувањето на најавените реформи за демократизација на македонското општество. Потсетуваме на ветувањето на новата Влада дека ќе гради општество за сите, во кое ќе се санкционира дискриминацијата и говорот на омраза. Токму затоа ја испраќаме оваа реакција во однос на скорешните јавни настапи на дел од актуелните пратеници.
Поттикнати од пратеничките расправи за правата и слободите на ЛГБТИ луѓето, потсетуваме на насилството на кое беше изложена ЛГБТИ заедницата изминатата деценија, но и на културата на неказнивост која произведе селективни стандарди за правда и еднаквост во македонското општество. Имено, тоа беше забележано и во Програмата за работа на Владата на Република Македонија (2017-2020), имајќи предвид дека: „Се стимулираше и нетрпеливост кон разните општествени малцински или маргинализи- рани групи, како кон припадниците на ЛГБТ популацијата, со што предизвика дури и изблици на групно и поединечно насилство кон нив од екстремни групи и поединци.“
Новите програмски определби и реформската политика на новата владеачка структура треба да придонесат кон менување на состојбите со човековите права и слободи на ЛГБТИ луѓето, преку градење доверба во институциите на системот, како и преку професионалниот ангажман на сите кои учествуваат во процесот на донесување одлуки. Во оваа насока, потребно е да се консолидира заложбата на Владата на Република Македонија да ги промовира, штити и унапредува човековите права во државата и да создава институционални капацитети за нивна ефикасна заштита и одговорност на сите кои ќе се обидат да ги повредат човековите права – како што беше наведено во Програмата за работа на Владата (2017-2020).
Сметаме дека реториката за традиционално и конзервативно општество која беше присутна во изминатите години имаше за цел да ги маргинализира и дополнително стигматизира ЛГБТИ луѓето во Македонија. Очекуваме ваквиот говор да се санкционира и политичките партии да се оградат од јавните настапи на своите членови, кои се во судир со уставниот принцип на еднаквост на сите граѓани“, се вели во реакцијата на организациите кои се занимаваат со унапредување на ЛГБТИ правата.