Против градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алековски и против претседателот на општинскиот Совет, Борче Стојчевски, е поднесена кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување“. Алексовски и Стојчевски, заедно со директорот на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“, се товарат дека го оштетиле буџетот на Република Македонија за 3.693 евра.
Како што велат од Министерството за внатрешни работи, тројцата осомничени во периодот од февруари 2014та година до 10.06.2017 година, со неизвршување на својата службена должност овозможиле на родители на ученици од ул. „Единство“ и местото викано „Лепојки“ во Крива Паланка да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 277.120 денари.
„Во наведениот период Д.Р. во својство на директор на ООУ “Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка и А.А. во својство на градоначалник на општина Крива Паланка, и Б.С. во својство на претседавач на Советот на општина Крива Паланка по претходно спроведена отворена постапка за доделување на договор за јавна набавка (превоз на ученици), склучиле Договор со избраниот најповолен понудувач АД “Пролетер“ од с.Конопница, кривопаланечко, во кој било предвидено квалитативна контрола на училишниот превоз да врши набавувачот -Општина Крива Паланка, преку Овластено лице од директорот на ООУ„Јоаким Крчовски“ Крива Паланка и преку овластен инспектор за патен сообраќај, како и од Комисија формирана од членови на Општина Крива Паланка и претставници од образовните установи“, велат од МВР.
Од таму додаваат дека од страна на пријавените не било постапено согласно договорот.
„Не била формирана ниту една Комисија, не била извршена ниту една контрола, не бил назначен инспектор за патен сообраќај, не бил изготвен ниту еден Записник, иако превозот на ученици се одвивал без да бидат исполнети законските услови – местото на живеење на учениците не им е оддалечено најмалку два километри од најблиското основно училиште т.е. живееле поблиску и користеле бесплатен превоз. Пријавените со неизвршување на својата службена должност овозможиле родителите на учениците од Ул.„Единство“ и место викано „Лепојки“ во Крива Паланка да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од околу 277.120 денари, за кој што износ го оштетиле Буџетот на Република Македонија“, посочуваат од Министерството.