КОЛУМНА Венко Глигоров: Бизнисот во аголот-политиката на голот

by fokus

Ако некоја фирма побара покриеност за прес или за соопштение – е тоа според медиумите не може, маркетинг било. А ако “зелкиве” од В-Д организираат “глупи” пресови што изобилуваат со “идиотски” досетки – е тоа можело за нашите телевизии, па и за другите медиуми. Според нив најверојатно тоа не е маркетинг туку е веројатно сатанизирање на глупоста!?

Ако политиката е во фокусот во медиумите несразмерно повеќе од бизнисот и животот, не може да очекуваме да се „раѓаат” и развиваат успешни претприемачи и работници. Не може да очекуваме иновативност во бизнисот затоа што креативноста и иновативноста ја црпиме од политичкото сивило во Македонија. Узор ни се глупандери и лопови и измамници кои секојдневно се појавуваат на медиумите.

Да не се чудиме тогаш зошто сите се ориентирани на државна „цицка” и нема економија во Македонија. Да не се чудиме како тоа во услови на режим и притисок, скоро 500.000 гласале за партија со прастари теми кои се за назадување на Македонија.

Наместо да се бара од телевизиите да емитуваат „македонска” програма со турски и српски кич/шит програми, може да се направи дел од обврската да биде емитување на бизнис и економски програми на ТВ.

Како што јајцата може да се спремаат на 100 начини, на око, кајгана, омлет итн, бизнисот може да се пакува в медиумот на 100 начини – на пример, блиц бизнис, прес бизнис, бизнис дебати, интервјуа со вработени и менаџери, филмови за бизнис, „како да направам” епизоди за маркетинг, стратегија, логистика … На ист начин може да се синхронизираат овие емисии како турско-српските серии и сигурен сум дека ќе бидат поефтини од кичот.

Претходната „економска” влада и нејзиниот челник кој многу ја сакал економијата – не стори ништо на ова поле. Економијата ја имаше сфатено за во приватен и партиски џеб.

Новата влада се залага за економија. Ако сакаме економија – темите од економија треба да бидат насекаде. Глупите соопштенија и пресови може и да се прескочат од ден на ден. Но, успесите на фирмите и претприемачите треба да се величаат за да се мотивираат младите да работат и да не мислат да ја нашуштаат Македонија. Ако медиумите не сакаат доброволно, да им се создаде законска или професионална обврска процент од програмата да биде бизнис.

Само на тој начин ќе се јакне економијата. Повеќе економија во медиумите, повеќе економски јунаци на „теренот”.

Венко Глигоров

Поврзани новости