Откако гевгеличани вчера пресекоа и жестоко кажаа „не“ за отпочнување постапка за можно отворање на рудник, сега ваквата одлуката на дело треба да ја спроведе Советот на општината и во никој случај да не дозволат експлоатација и отворање на рудници за металични минерални суровини.
Според спроведениот референдум, дури 13.097 граѓани се изјасниле против отварање рудници на Кожуф, што е 98 отсто од излезените, додека само 154 жители се изјасниле дека се согласуваат на нивната територија да се отворат рудници.
Но, да се навратиме на прашањето како почна целата процедура за отворање на рудник на територијата на Гевгелија и уште во неколку други градови низ државата? Во мај 2013 година, непосредно после локалните избори Владата на ВМРО-ДПМНЕ со потпис на вицепремиерот Владимир Пешевски дала концесија за детални геолошки истражувања на две локации во Гевгелија, но и на уште на над 70 други локации ширум земјата. Според предвиденото, концесијата истекува во мај, 2017 година.
Во само еден ден, во Службениот весник што излезе на 14 мај, 2013 година е раздадена територија од над 500 километри квадратни на странски фирми за детални геолошки истражувања- кои со само едно обично барање можат да се трансформираат во концесии за експлоатација. Канадската фирма која ги добила концесиите наскоро ќе треба да се произнесе дали ќе сака да ги експлоатира рудните богатства на Кожуф или не. Останува нејасно прашањето, уште колку километри квадратни во меѓувреме се раздадени?
Според документите со кои располагаме, градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов на 29 март, 2012 година до Министерството за економија веќе дал позитивно мислење за иницијативата за започнување постапка за доделување на концесија за вршење детални геолошки истражувања на металични минерални суровини на локалитетот село Конско, општина Гевгелија. Но, тој досега во неколку наврати демантираше дека се работи за изградба на рудник.
Иницијативата за референдумот беше поднесена до Советот на Општина Гевгелија од страна на Здружението на граѓани ,,Спас за нас” и Советот на Општината едногласно се согласил и изгласал да се одржи референдумот во Гевгелија. Но, целиот процес околу референдумот, според нашите извори бил исполнет со нејаснотии, сомнежи и пропусти.
– Гевгеличани гласаа против отварањето на рудниците и избраа живот во Гевгелија. Со ова јасно и недвосмислено се изјаснивме дека сме против деструктивната политика и против безмилосната експлоатација на природните богатства, уништувањето на животната средина и загрозувањето на здравјето и животот на граѓаните. Ова е силна порака до актуелната, но и до секоја идна локална и централна власт: власта мора пред се’ и над се’ да мисли на доброто на граѓаните и нејзините одлуки да бидат транспарентни и инклузивни во духот на доброто владеење – истакна Драган Алчинов од СДСМ.
Според него, иако власта се покажала како неодговорна, сепак граѓаните покажале високо ниво на општествена и еколошка свест и демонстрирале единство кога се работи за јавниот интерес.
– Ова е јасна порака и до сите други домашни и странски инвеститори кои сакаат да го узурпираат Кожуф. Ние како партија бевме и остануваме вклучени во целиот овој процес. Нашите активисти секојдневно беа на терен и во градот и по околните населени места, со цел да ги информираат граѓаните за штетните последици од отварањето на рудниците и да ги мобилизираат за да излезат на гласање. Имаше многу пропусти од страна на Општината и ние моравме преку нашиот активизам да ги надокнадиме, со цел успех на референдумот – додава Алчинов.
Нашите извори уште тврдат дека, иако градоначалникот и советниците се заложиле дека ќе излезат во кампања и ќе го информираат граѓанството, дека ќе одат од врата на врата и ќе изработат флаери, постери, билборди итн. сепак ништо од ова не се случило.
И.М.