Последното Решение на Комисијата за верификација на фактите од 26 март 2015 година, со кое се лустрира новинарката Јадранка Костова, претставува уште еден класичен акт на политичка одмазда против неистомислениците и критичарите на актуелната власт, пишува Хелсиншкиот комитет во мартовскиот извештај за состојбите поврзани со човековите права и слободи во Македонија.
„Донесувањето на решението следува една седмица по емитувањето на документарниот филм насловен „Македонија: Зад фасадата“ прикажан на телевизијата „Ал Џезира“ во кој новинарката и главен уредник на неделникот „Фокус“ изнесува критични ставови за случувањата во државата. Датумот на кој е донесено решението – 26 март – е истиот датум кога во 2013 година поранешниот главен уредник на неделникот „Фокус“, под сомнителни околности го изгуби својот живот во сообраќајна незгода“, се наведува во извештајот.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека уште еднаш би сакале да потсетат на укажувањето на Советот на Европа дека процесот на расчистување со минатото мора да биде заснован врз принципите на законитост и правичност. Наспроти ваквите постулати, оценува Хелсиншкиот комитет, процесот на лустрација во Македонија е класичен пример за инквизиторска постапка во која обвинетите лица воопшто не се сослушуваат и немаат можност да се бранат.
„Како последица, за низа професии како новинари, професори и други, резултатот од оваа постапка е еднаков со казнената санкција од Кривичниот законик – забрана за вршење професија, дејност или должност. Ваквиот став е содржан и во неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права. Поради сите наведени причини, Хелсиншкиот комитет ќе продолжи активно да ги штити основните права и слободи на сите недолжни жртви на неправичниот процес на лустрација. Доколку Управниот суд во овој случај не ја обезбеди тајноста на личните податоци, заштитата на личниот интегритет, почитувањето на приватноста, семејниот живот, достоинството и угледот, Комитетот е убеден дека правдата ќе биде задоволена пред Европскиот суд за човекови прав“, пишува хелсиншки во последниот месечен извештај.