ФОТО: Ужас во ЗОО Битола: Плати 50 денари да гледаш мртви животни!

by fokus

Мртви животни, ужасна смрдеа, повредени животни, несреденост и нечистотија, била сликата што ја затекнале посетители на ЗОО Битола денес.

Револтирани од негрижата кон животните, а воедно и негрижата кон посетителите, од кои повеќето се деца, тие апелираа на социјалните мрежи до битолскиот градоначалник Владимир Талески, но и до здруженијата за заштита на животните кои функционираат во земјава, да преземат соодветни мерки и да го решат проблемот, обезбедувајќи достоинствен живот на животните, кои не по своја вина, ја имале несреќата да се најдат во зоолошката во Битола.

„Плаќаш симболични 50 денари за влез во Зоолошката градина во Општина Битола и еве што те чека: Кафез со три волци од кои што еден е мртов. Со денови стои мртов таму. МРТОВ! Смрдлив тоалет. Нема тоалетна хартија и сапуни. За сушара нема потреба да зборам. Вселенско летало е тоа за нив. Оштетен кафез на ноевите, мајмуни што делуваат прегладнето и дехидрирано. Еден од мајмуните има рани по телото (можно е да се од шајките кои ги има насекаде низ Зоолошката. Од што и да се, треба да интервенира ветеринар!).

Непријатна миризба насекаде. Направена е цела обиколка низ кафезите и садови со храна и вода, скоро и да не се видени! Внатре, во делот кај птици, не пишува од кој вид се, потекло и слично, но затоа ќе ве пречека МРТВА птица во кафезот која веројатно и она седи таму со денови. Алатите, косилките и машините се изложени надвор и секој од посетителите може да биде во контакт со нив. Веројатно луѓево не размислуваат дека некој може да се повреди со нив.

На кратко, даваш 50 денари, добиваш бесплатно Wifi, осеќаш смрдеа и нечистотија на сите страни, гледаш мртви птици и волци, постои можност да фатиш некоја бактерија од тоалетите… Тоа се вика – Депресивна средина!

Владимир Талески – Градоначалник на Општина Битола, може да ми одговориш каде ги трошиш парите човеку!? Намали со тендерите и сврти поглед накај зоолошката!“, пишува на својот Фејсбук профил Рашо Радулов, кој се згрозил од сликите што ги забележал при посета на зоолошката, а направил и видео и фотографии, со цел да ја алармира јавноста за состојбата таму.

Неговиот апел денес масовно се споделува на социјалните мрежи. ЗОО Битола е втора по големина зоолошка во земјава. Основана е во 1950 година, со помош на зоолошките градини од Скопје, Белград, Загреб и Суботица. Во неа има околу 200 животни, односно околу 40 видови.

И во минатото чести беа коментарите за лошата состојба, па дури и имаше иницијативи на социјалните мрежи за нејзино затворање, со цел да не мачат животните кои живеат таму, во мизерни услови.

На крајот на 2014 година, јавноста беше информирана дека конечно, зоолошката во Битола е средена, со помош на проектот „Иновативни едукативни програми за зајакнување на природните ресурси во преку граничниот регион Пелагонија/Лерин – ЗОО иноватива”, кој Центарот за развој на пелагонискиот регион го реализирал во партнерство со Зоолошката, Општина Битола, Општина Лерин и Регионалната развојна агенција од Лерин.

Проектот изнесувал околу 1,2 милион евра (обезбедени од Европска унија), 700.000 евра (85% биле обезбедени од делегација на ЕУ и 15% од Министерството за локална самоуправа) и наменети за реализација на проектните активности во Република Македонија, а останатите 500.000 евра биле наменети за реализација на проектните активности во Република Грција.

На свеченото предавање во употреба на реконструираните живеалишта на животните тогаш, присуствуваше и претседателот Ѓорѓе Иванов, градоначалникот Талески но и голем број на гости од светот на политиката, како и музички ѕвезди кои настапија пред посетителите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости