Форумот за демократска Македонија ја поздравува иницијативата за решавање на проблемот со името, што е главна пречка за нашата интеграција во ЕУ и НАТО структурите, велат од таму по денешната посета на медијаторот Метју Нимиц на Република Македонија.
Посетата на Нимиц, како и неодамнешната средба на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во Давос, се силен импулс, велат од ФДМ, за конструктивни разговори кои би воделе кон достоинствено и прифатливо решение на овој повеќедецениски спор.
„ФДМ ќе го поддржи исходот за кој македонската Влада, граѓаните на Република Македонија и сите учесници во преговорите ќе одлучат дека е решение на спорот. Решавањето на овој спор ќе ја отстрани најголемата пречка за влезот во ЕУ и НАТО, што пак за Република Македонија ќе отвори перспективи за многу позасилен економски развој и силни гаранции за стабилност и опстанок. Ја поттикнуваме Владата да не ги запостави реформите што ќе ја менуваат Република Македонија навистина да стане општество за сите, а не “заробена и партиска држава”, каде правото ќе важи еднакво за сите, институциите ќе бидат во служба на граѓаните, а борбата со корупцијата и криминалот ќе бидат суштински, а не само декларативни заложби“, додаваат од таму.