Пратеничката на СДСМ, Славица Шуманска – Митева, вели дека зад синоќешното инцидент, каде беше запален нејзиниот автомобил, стојат вандали охрабрени од вчерашното однесување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, кога се обидуваа да го спречат гласањето по Законот за употреба на јазиците. Вели дека можело да дојде до поголема несреќа, затоа што автомобилот бил паркиран веднаш до куќата. За среќа таа и нејзиниот сопруг биле будни и успеале да реагираат навреме.
– Слушнавме тресок и излеговме надвор, автомобилот гореше, а по улицата имаше линија од пламен, онаму каде бил истурен бензин и запален. Штетата не е целосна затоа што сопругот успеа да го изгаси пожарот на време. Имавме среќа што не спиевме, да спиевме колата ќе експлодираше – вели Шуманска-Митева за „Фокус“.
Таа изминатиов период добивала закани, но вели дека не очекувала вакво нешто.
-Имаше закани по пораки, ама ни на сон не верував дека ќе се случи вакво нешто. Очигледно имаат храброст, ама не им се плашам. До сега се така функционираше, но ова е кукавички чин, не е во ред да прават вака среде ноќ. Ова е чист вандализам – додава таа.
Полицијата се уште трага по сторилите, но пратеничката вели дека Виница е мало место и дека може да се претпостави кој се осмелил на вакво нешто.
-Од име на цела пратеничка група, такви работи не треба да се случуваат. Сигурно е сценарио на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи само они се спремни на вакво нето. Ова се надевам ќе биде последно – додава таа.
М.В.