Во јавноста секојдневно излегуваат информации дека постојат многу вработени во институциите, кои земале плати, а не се појавувале на работа. Таков случај постои и на скопската Клиника за гинекологија.
Според нашите информации, претходната директорка на клиниката Марија Хаџи-Лега во јануари, 2016 година примила на работа докторка што цели 18 месеци не се појавила на работното место, но затоа пак на сметка редовно добивала плата. Откако се појавиле реакции на клиниката, лекарката, кој е специјализант немала друг избор, па морала да се појави на своето работно место. Таа првпат на работа дошла во април, 2017 година.
– Некои од вработените дежураат секој трети ден, односно паѓаат од работа, додека некои земаат само плати, а воопшто не се појавувале на клиниката. Кој ќе сноси одговорност за хаосот што беше на клиниката – коментираат дел од лекарите.
Ваквите информации за „Фокус“ ги потврди и новата директорка на клиниката Викторија Јовановска, која за овој проблем зборела на стручен колегиум пред сите колеги, барајќи начин како да се реши проблемот.
Клиниката за Гинекологија повторно е главна мета во јавноста, откако како што објави „Фокус“ во последните осум месеци во болницата починале 127 бебиња. Нашата екипа пред десет дена успеа да влезе на клиниката и за првпат да направи фотографии од сите одделенија.
И.М.