Димитров за британската „Скај Њуз“: Мигрантската криза покажа колку Балканот е важен за безбедноста на Европа

Мигрантската криза покажа колку Балканот е важен како регион за безбедноста на Европа, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервјуто за британски „Скај Њуз“.

Димитров рече дека ЕУ треба да продолжи да ја поддржува Турција бидејќи договорот ЕУ – Турција направил голема разлика и балканската рута треба да остане затворена.

На прашањето зошто Македонија сака да влезе во ЕУ и што може Велика Британија да направи за тоа, Димитров рече дека во време кога светот станува понепредвидлив, „веруваме дека ќе бидеме побезбедни и сигурни во поглед на нашата иднина ако сме дел од ЕУ“.

-Тие што се внатре често забораваат колку е студено надвор. Во Лондон сум со цел да добијам поддршка од најстарата демократија во светот за тоа што јас верувам дека е многу надежна перспектива за мојата земја Македонија. Успеавме да излеземе од длабоката морална криза како посилни и позрели. Имаме силна одлучност да изградиме вистинска европска демократија и патувам низ етаблираните демократии низ Европа за да ја пренесам таа порака и да ја добијам нивната поддршка. Бидејќи, поддршката од Велика Британија е големо охрабрување на граѓаните на Македонија, рече Димитров.